Рашковски: На ВМРО-ДПМНЕ му порачувам „тешко е да најдете црна мачка во темна просторија, а уште потешко е да ја најдете ако ја нема“

Прочитај за: 2 минути

Продолжуваат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека власта кешира пари од хуманитарните акции за враќање на нашите државјани дома. Партискиот портпарол Димче Арсовски вели дека во владата се нервозни откако опозицијата ја обелоденила вистината за висината и цените на чартер летовите.

Според информации на ВМРО-ДПМНЕ, цената на чартер летот од Малта до Скопје чини 25.000 евра по авион, цената на чартер летот од Минхен до Скопје чини 32.000 евра по чартер авион, а пак цената на летот од Загреб, кој што е најблиску до Скопје, чини цели 42.500 евра по чартер авион.

– Авион со 180 патници, какви што впрочем има компанијата Визер, ако за секој еден патник картата чини 100 евра колку што отсекогаш чинела, целиот чартер авион би требало да чини околу 18.000 евра. Каде е останатата разлика од 24.500 евра конкретно за летот од Загреб до Скопје? Класично воено профитерство и печалење на грбот на граѓаните – вели Арсовски.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски во изјава за Слободен печат вели дека нападите на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани. Цените на секој лет со кој ги враќаме нашите државјани од светот поради коронавирусот, Владата транспарентно ги објавува, дециден е Рашковски.

– На ВМРО-ДПМНЕ му порачувам „тешко е да најдете црна мачка во темна просторија, а уште потешко е да ја најдете ако ја нема“ – вели Рашковски.

Тој додава дека секој наш државјанин е однапред запознаен со условите и доброволно ги прифаќа истите. Повикувајќи се на вчерашното соопштение, тој посочува дека летот се плаќа од буџетот на Владата пред полетувањето, а патниците потпишуваат договор дека истата сума на пари (без додатни трошоци) сразмерно на бројот на патници ќе ја уплатат на истата сметка. Во владиното соопштение пишува дека секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот, која изнесува околу 32.000 евра, се дели со бројот на патници сместени во авионот. На пример, цената на летот од Минхен до Скопје изнесуваше околу 190 евра по патник, стои во владиното соопштение.

На стартот на хуманитарната акција и МНР излезе со став дека граѓаните сами ќе ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителните 15 дневен карантин е на товар на државата.

ВМРО-ДПМНЕ вчера ја обвини власта дека со помошта за граѓаните кои се враќаат во земјата ја „уништува државата“. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски му напиша на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски дека имал основани сомневања дека се правело криминал со транспортот на луѓе. Но во пораките, кои владата ги објави на својот официјален сајт, останува нејасно за што конкретно се однесуваат обвинувањата.

Слободен печат го контактираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски но тој, повикувајќи се на вчерашна прес конференција, рече дека нема што друго повеќе да додаде. Вчера Арсовски се повика на сведоштва од граѓаните.

– Сведоштва велат дека на патниците им било кажувано дека превозот ќе чини многу помалку од што им се наплатил, а им се наплатил многу повеќе од што им било кажано, околу 100 евра повеќе, по што дел од патниците јавно се побунија на социјалните медиуми – рече Арсовски.

Од Владата реагираа со соопштение, но и фотографии од разговор помеѓу Рашковски и лидерот на Мицкоски, а објави и образец од договор за еден чартер лет, на кој се гледа дека летот од Минхен до Скопје чини 32.000 евра.

По објавениот разговор Мицкоски на Фејсбук напиша дека доказите со кој располагал ќе ги достави до институциите откако судството и обвинителството „ќе се ослободи од стегите на власта и принципот “трас-трас” воспоставен од Зоран Заев“.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE