Работници нема ниту за лек

Прочитај за: 4 минути

Иако кога пред десетина години го наследив од мојот татко сервисот, сите ми завидуваа и ми велеа дека мене ми е лесно, бидејќи сум добил во наследство разработен бизнис, ни накрај памет не помислував дека ќе дојде ден кога ќе размислувам да го затворам бизнисот.
Сега сум на два ума. Или да го затворам сервисот, или да го продадам. Трето нема. Само за еден месец од сервисот ми заминаа 8 вработени мајстори и тоа најдобрите. Едните заминаа во Германија, други во Норвешка, а последните двајца деновиве заминаа во Шведска.
Постојано барам нови работници, но никој не се јавува, иако одлучив да им дадам, за наши услови, релативно добри плати, ни вели сопственикот на еден од најдобрите автосервиси во Битола.

Друг сопственик на угледен хотел и ресторан во центарот на Битола има слична приказна.
– Не знам што да правам. Како сѐ да се сврти против мене. Додека порано ме молеа за работа и за да ги вработам ми пуштаа разни пријатели, или роднини дури од петто колено, сега не можам никаде да најдам келнери, готвачи, собарки.

Иако за наши услови платите што ги давам се релативно добри, за келнерите 18.000 денари, а за готвачот над 40.000 денари, сепак секој ден стравувам некој од нив да не си замине. Да биде несреќата уште поголема и времето како да се сврте против нас, па оваа зима со ладното време и честите дождови се продолжи буквално до јуни, па поради невремето мака мачам како да ги платам платите и струјата. Едвај чекам да се стопли времето и да почнат да доаѓаат нашите иселеници од странство, од кои искрен да бидам живееме ние угостителите. Ако не се тие не знам што ќе правиме – вели еден познат угостител од Битола.

Вакви или слични приказни во Битола има колку што сакаш.
Во Битола веќе се случува тоа што некои политичари го најавија, дека ќе нема работници и дека ќе мораме нив да ги увезуваме од странство.
Но тоа што ги разжалостува битолчани е што недостигот од работници не се случува поради зголемените домашни, или странски инвестиции, туку пред сѐ поради тоа што сега мошне мал е бројот на тие што бараат или сакаат да работат во Битола, туку најчесто се одлучуваат да заминат на печалба во Германија, Шведска, Норвешка, Италија, Велика Британија, САД, Австралија, а во последно време младите угостители најчесто заминуваат во Хрватска, Црна Гора и Грција.
Во градот под Пелистер во овој момент најдефицитарни се келнерите, готвачите, браварите, возачите, таксистите, лимарите, водоинсталатерите, паркетарите, електричарите, продавачите…

На автобуските станици, бандерите, дрвјата, огласните табли, излозите, постојано се сретнуваат разни огласи во кои се бараат работници, или работнички. Но, за жал, на огласите многу малку, или никој не се (при)јавува.
За состојбата со недостигот од работници во Битола деновиве нѐ информираа и во Агенцијата за вработување, каде што на интервјуата, кои тие ги закажуваат со невработените лица што бараат работа, едноставно, или многу малку или воопшто, никој не се јавува.

– Порано кога ќе распишев оглас за вработување продавачки, иако платите не беа високи, се јавуваа по 50 невработени жени. Сега буквално никој не доаѓа иако се одлучив да ги зголемам платите на 18.000 денари за продавачка – раскажува еден сопственик на продавници во Битола.

Кога станува збор за недостигот од работници во Битола, во најтешка ситуација е германската компанија „Кромберг и Шуберт“, која постојано има распишано огласи за прием на работници, но, за жал, малкумина се пријавуваат.

Оваа компанија, која вработува над 6.600 работници и која одлучи да ги зголеми личните доходи за вработените, кои во просек се над 20.000 денари и кои имаат бесплатен оброк и превоз, никако не може да ги обезбеди потребните кадри. Покрај постојано отворените конкурси, „Кромберг и Шуберт“ редовно организира и отворени денови за посета на компанијата, со намера луѓето што бараат работа да се запознаат со начинот на производство, но, за жал, многу мал број се интересира за работење во „Кромберг и Шуберт“.

За да го решат проблемот од недостиг од работници, од „Кромберг и Шуберт“ бараат работници дури во источна Македонија, Берово, Делчево.
Во слична ситуација како „Кромберг и Шуберт“ е и американската компанија „Гентерм“ од Прилеп, која вработува 1.500 работници и која откако не можеше да обезбеди работници во Прилеп, деновиве побара работници во Битола.
– Денеска закажав интервју со работниците што сакаат да работат во Прилеп, во фирмата „Гентерм“. Испратив над 500 покани, за 150 отворени работни места, колку што се бараат. Не верувам дека ќе дојдат десетина – ни велат во Агенцијата за вработување.

Тоа што особено загрижува е што додека од една страна сѐ помал е бројот на невработени битолчани што бараат работа, од друга страна сѐ подолги се редовите пред бугарскиот конзулат за барање бугарски пасоши.
Во Битола мошне долги се и редиците пред партиското седиште на СДСМ, каде што членовите на партијата бараат работа во државната и јавната администрација или во јавните претпријатија.

Во последно време (пре)задоволни се и сопствениците на школите за германски и за англиски јазик, кои не можат глава да кренат од големиот број заинтересирани битолчани за изучување на странските јазици.
Голем дел од приватните битолски фирми за да ги спасат бизнисите своите седиште ги префрлија во Бугарија и оттаму ги освојуваат европските пазари.
Кога станува збор за иселувањето на Битола, тоа што е интересно е што во последно време на печалба од Битола не заминуваат само сиромашните за да се спасат од сиромаштијата, туку и сите што не гледаат повеќе перспектива во градот под Пелистер, во кој веќе никој не знае колку жители има.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE