На 5-ти мај имаме шанса да спречиме враќање кон темното минато, поделбите, омразата, криминалот и масовната корупција. Ова е историска можност да изградиме држава во која ќе владее правото, еднаквоста, солидарноста, општество кое ќе се темели на човечност и еднакви права за сите.
Ова го изјави денеска претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и вети дека како претседател посветено ќе работи на заштита на правата и интересите на сите граѓани и ќе ја поддржи секоја иницијатива која ќе биде во корист на граѓаните.
Веднаш по 5-ти мај, најави Пендаровски, ќе ги потпишам сите над 20 закони кои ги кочи Ѓорге Иванов, а ги овозможуваат основните права за голем дел од нашите граѓани. На новинарско прашање дали со оваа изјава не ги мотивира гласачите на претседателскиот кандидат Блерим Река да го дадат нивниот глас за него, одговори дека меѓу тие закони, освен неколку кои ги тангираат меѓуетничките односи, останатите се однесуваат на сите граѓани и немаат никаква врска со меѓуетничката сфера. Најголем дел, рече, се за најранливите категории лица, како што е Законот за социјална заштита.
– Го поддржувам Преспанскиот договор, новото уставно име на државата, бев координатор за НАТО, ги добив преговорите за влез во име на државата Република Северна Македонија и имам намера до крај да останам консеквентен и да кажам дека новото уставно име во ништо не ни одзема од тоа што сме биле и досега Македонци, со сите идентитски обележја што сме ги имале. Сега имаме плус гаранција на меѓународно ниво што е препознаено и признаено, појасни Пендаровски.
Како претседател, нагласи, ќе зборува против секоја власт која ги загрозува интересите на граѓаните без разлика на која политичка партија или колаиција и припаѓа.
– Секоја неправда ќе биде моја грижа. Силно ќе ги осудам сите постапки кои ја рушат деморкатијата и правната држава, изјави Пендадорвски.
Извор: dnevno.mk