Државниот врв преку социјалните мрежи ја поздрави одлуката на германскиот Буднестаг кој вчера гласаше за отворање на преговорите на нашата држава со Европската унија.
Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Твитер профил се заблагодари за поддршката од Бундестагот.
Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за“ пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, напиша Пендаровски на Твитер.
Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој присустввуаше на седницата на Бундестагот, се заблагодари веднаш по гласањето.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров се огласи на Твитер каде напиша дека Бундестагот покажал лидерство.
Бундестагот покажа лидерство вечерва: светло зелено светло за преговори со ЕУ. Со признавањето на достигнувањата на Северна Македонија, тој не охрабрува да продолжиме напред и подобро. Ние исполнивме, вие исполнивте и ќе продолжиме да постигнуваме, пишува Димитров на Твитер.