Немаме никаква основа да го казниме хотелот во кој престојувал градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, бидејќи тој бил регистриран како гостин во хотелот со спиење, вели за Фактор директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
Пауновски за Фактор вели дека синоќа, некаде пред 21 часот, добиле пријава за градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, а за тоа добиле и фотографија.
„Веднаш ги ангажирав инспекторите, оние кои имаат дозвола за работа на терен и после полициски час, и тие веднаш отишле на местото на настанот да ја проверат пријавата. Но, се испоставило дека тие не можат да преземат никакви мерки, бидејќи градоначалникот бил регистриран во хотелот клако гостин со спиење. За тоа имаме и комплетна документација од хотелот. Што значи дека тука нас ни се врзани рацете и не можеме да преземаме никакви мерки. Значи, излезе дека ова било лажна дојава“, вели за Фактор Пауновски.
За ова, според него, има и документи, и од хотелот и од МВР, дека гостинот бил регистриран со спиење, и дека не може да се дејствува.
Според протоколите, хотелите можат да служат храна за своиоте гости до 20 часот, но гостите и потоа можат да седат во нивните фоајеа.
„Всушност, лоши се протоколите, а ние и нашите инспектори мора да постапуваме по протоколи, бидејќи во спротивно ќе дојдат адвокатите на тој хотел на пример, и ќе ни поднесат тужби, нешто што не смееме да си го дозволиме“, објаснува Пауновски за Фактор.
А на нашето прашање зошто Богдановиќ бил гостин со спиење во хотел во Скопје, кога самиот е скопјанец, вели дека тоа прашање треба да му го поставиме нему.
Повеќе >> Фактор