Олеснување на рестриктивните мерки треба, вклучувајќи и намалување на полицискиот час, но треба поголема контрола и да се знае каде се пренесувала најмногу заразата. Целата епидемија кај нас влезе преку погреб, а по три месеци се пушта погреб со двесте луѓе без контрола, вели професорот доктор Никола Пановски за МКД.мк. Избори, вели, мора да има, бидејќи ова ќе трае со години, но митинзи никако.
„Мора да има, во цел свет ќе има избори, бидејќи ова ќе трае со години. Но, да бидам искрен, се разочарав од Комисијата… да предложи препораки за митинзи. Требаше да кажат препорачуваме да нема митинзи. Ако кажат дека нема, нема. Значи митинзи не мора да има, избори ако треба да има нека напишат препораки, ама разочарувачки е за митинзи да напишат препораки. И за носење луѓе со автобуси. Што е толку битно да има митинзи, нека се направат изборите и тоа е тоа. А треба да се спроведат кога ќе има најмалку опасност“, вели Пановски.
Во однос на тоа кој може да гарантира дека во јуни ќе има најмалку опасност или во септември, Пановски вели дека тоа ќе го кажат докторите, „само треба да се спротивставиме на митинзи“.