Додека се уште не се расчистени дилемите дали може сам да си поднесе оставка во негово отсуство, одземањето на пратеничкиот мандат на Никола Груевски се најде на дневниот ред на прелиминарната собраниска седница во вторник.
Ваквиот потег на собранискиот спикер Талат Џафери следува откако надлежната комисија предложи, а Груевски потоа на Фејсбук најави дека се повлекува и оти ќе си поднесе оставка.
Тоа пак создаде недоумици , дали тоа треба да го направи лично и дали Собранието во таков случај треба да расправа.Толкувајќи го и Уставот и Деловникот за работа на Собранието, и владејачкото мнозинство, пак, е дилема. Дали да го почитува уставот или Деловникот?
Павле Богоевски, претседателот на собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања, смета дека се уште постои обврската Собранието да расправа по Предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски веќе на следната пленарна седница.
„Односно во секој случај ќе треба да има гласање на наредната седница (за Предлогот за одземање на мандатот или за оставката). По гласањето за Груевски, јас ќе ја доставам мојата одлука за заминување до собраниските служби. Таа станува правосилна кога претседателот на Собранието ќе ја констатира на наредната пленарна седница“, рече денеска пратеникот во оставка за „Пресинг ТВ“.
За да му се одземе мандатот, потребно е да гласаат 80 пратеници.