Попис во Македонија и потребата од заедничка соработка на партиите заради државен и национален интерес.
Во својство на поранешен премиер, неколку работи околу претстојниот попис.
На Македонија, несомнено, и е потребен попис.
Но пред сè, реален и фер попис, попис во кој ќе веруваат најголем дел од граѓаните, со закон кој го гарантира тоа и со доверба кај сите политички чинители која потоа ќе се рефлектира и во поголема доверба кај населението и општата јавност.
Отфрлањето на амандманите со кои се предлагаше при секое попишување идентификација на лицата да се направи со отпечаток од прст преку мобилна опрема кај секој попишувач која е он-лајн поврзана со базата на податоци на МВР е лош сигнал и нема аргументирано објаснување, што остава простор за сериозен сомнеж дека некој планира лажирање на пописот со лица кои не се присутни или можеби и не се живи.
Исто така отфрлањето на принципот на секаде да одат двајца попишувачи од различна националност со врзан потпис е голем чекор кон нарушување на довербата во процесот, како и на зголемениот надзор. Но, отфрлањето на амадманите не е крај на сите можности ако почне порационално да се размислува.
Не е разбирливо зошто се укинува државната пописна комисија во која и опозицијата би можела да делегира неколку експерти од областа, кои би имале право на проверка на попишаните лица, со испраќање нова попишувачка двојка онаму каде има основан сомнеж, но и со надзор на работата при утврдување на критериумите и изборот на теренски попишувачи како и контрола врз внесувањето на податоците во компјутер подоцна.
Отфрлањето на предлогот на опозицијата секој попишан да добие примерок од пописната листа исто така мислам дека не е добар чекор. Таа идеја не само што ќе ја зголеми довербата во процесот, туку ќе направи многу луѓе и нивните наследници горди, покажувајќи како се попишале како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, но и Бугари, Грци, Хрвати и.т.н., а ќе помогне и да нема лажирања при конкурсите за вработување во јавниот сектор каде, понекогаш, се случува различни лица лажно да ја престават својата националност за да обезбедат вработување во некоја државна институција.
Досега очигледно е дека и опозицијата не ги користеше сите легитимни расположливи средства и на моменти делуваше како да крена раце од пописот со најава дека немало да го признае, иако е јасно дека пост фестум реакција со непризнавање нема никому да значи ништо, ниту пак идејата за нов попис по доаѓањето на власт на опозицијата звучи реалистично и остварливо, имајќи во обзир дека за такво нешто ќе е потребна и поддршка од коалиционите партнери во владата, како и не опструирање на тогашната опозиција и други фактори, а конечно и нови трошоци.
Впрочем, зошто нов попис, кој веројатно нема ни да се случи, кога сега може да се заврши фер попис со здружени напори и чесен пристап и на власта и на опозицијата ако се има воља кај двете страни за ова прашање кое е од висок државен и национален интерес.
Конечно непризнавањето на опозицијата нема да им пречи на европската статистичка агенција, на ЕУ, на ООН и на целата меѓународна заедница да ги користат податоците како валидни откога меѓународната заедница ќе ги признае и ќе стане дел од домашните и меѓународни институции. Во ваква атмосфера мислам дека веројатно ќе ги признае какви и да се, за да нема нови проблеми во земјата.
Повеќе на Фесјбук страната на Никола Груевски: