Истражителите кај Тања Арџанлиева го нашле вториот телефон на Катица Јанева. Токму за овој телефон првично, во текот на истрагата Јанева тврдеше дека не знае каде е, а потоа во истрагата се дозна дека го користела девојката на Лазар, синот на Катица Јанева, второобвинета во овој случај.
На денешната презентација на материјалните докази, иако одбраната долго време се сомневаше дека сега веќе осудениот Зоран Милески кој беше третообвинет во овој случај има судски пресуди, сепак денеска ОЈО презентираше извод од судот во Охрид според кој тој нема судска историја.
Исто така се дозна дека истражителите од мајката на Бојан Јовановски одзеле 100 банкноти од по 50 евра.
После ланскиот претрес во домот на Јовановски во скопската приградска населба Орман, обвинителството презентираше дека привремено одзело низа вредни предмети, десетина скапи уметнички слики, голема количина на лична облека како 24 капути, 30 тренерки, 55 пара кондури, 14 пара чизми, 15 капи, 50 пара наочари, 77 пара панталони, украс „сваровски“, круна „Долче Габана“, десетици чанти, марами, ремени, часовници, од кои три од марката „ролекс“ накит, украси, низа документи, сметки, тефтери и листови пишувани од самиот Јовановски и други вредни предмети.
Од Стојан Арсовски шофер на Јовановски се одземени два куфери со летна облека и плик-ташна.
Секое парче облека на Јовановски било од познати марки и брендови, исто како и тие кои ги носел неговиот возач Арсовски.
Во случајот „Рекет“ првообвинет е Бојан Јовановски-Боки 13 кој се терети за перење пари и за примање награда за противзаконито влијание, а второобвинета е Катица Јанева. Таа е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Извор: slobodenpecat.mk