Според професорот Ѓорги Спасов, нема прекршувања на Изборниот законик, туку станува збор за слобода на изразување.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев најави дека МВР денеска ќе повикува на информативен разговор лица кои на социјалните мрежи шират недолична содржина поврзана со изборите, а која ги доведувала во заблуда гласачите, по вчерашниот случај со директорот на скопската зоолошка Ѓорѓи Галетановски. Според Чулев, МВР постапува по службена должност, а конечната квалификација на делото ќе биде направена откако ќе ги преземат сите активности.
„Освен за Галетановски во текот на денешниот ден покани ќе бидат испратени и за други лица во врска со недолични текстови на социјалната страна Фејсбук, а поврзано со гласањето на изборите. Врз основа на сомнение за чл 160, повреда на слобода на определување на избирачите“
изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Вчера Галетановски беше повикан на разговор за фејсбук-статус во кој иронично повикува да се прешкрта „северна“ на гласачкото ливче.
Слична објава имаше и професорот Ѓорѓи Спасов, според кој нема прекршувања на Изборниот законик, туку станува збор за слобода на изразување.
„Чл 61 од Изборниот закон вели дека … ако со измама некого присилиш или спречиш слободно да гласа… ќе бидиш казнет со казна до една година затвор. И оттука се поставува прашањето дали сугестија дадена преку фејсбук да се прецртува на гласачкото ливче зборот “северна” или да се додава “никогаш”, со што тоа би станало неважечко, може да се смета за ” измама со која некој се присилува или спречува да гласа слободно”.Граѓанинот е слободен да избере што ќе чита а што нема да чита на социјалните мрежи.Тој е слободен да верува или да не верува и да ја проверува точноста на тоа што е напишано.И на крајот никој него со било каква сугестија не го присилува ниту спречува тој слободно да ја изрази својата гласачка волја“
напиша Спасов.