„Минималец“ во земјите во ЕУ: Германија 1.116 евра, Луксембург 2.000 евра

Прочитај за: 2 минути

Вработените што работат полно работно време не би требало да бидат сиромашни – тоа би требало да им гарантира минимална плата. Но, реалноста е различна. Судбината на работниците што се на минималец не е лесна никаде, но на граѓаните на Запад им обезбедува да можат да го поминат месецот. Со минимална плата од 239 евра, македонските работници се наоѓаат на дното според висината на минималецот.

Минималната плата секогаш значи постојано пресметување, додека кај нас тоа е умешност за преживување.

Германија има една од највисоките минимални плати во Европа. Оној што работи полно работно време за минимална плата месечно заработува околу 1.580 евра. Со тоа, во европскиот просек, Германија се наоѓа на врвот. Но, дали може да живее нормално и како се живее со минималец во некоја земја, не покажува апсолутниот износ, туку релативниот. Потребно е сумата да се стави во контекст на реалните животни трошоци на земјата во која човек живее и работи.
plata

Според податоците за 2017 година објавени од „Дојче веле“, во Германија еден човек што работи полно работно време и зема минимална плата, откако на бруто-износот ќе му бидат одбиени даноците и социјалните давачки, дома може да однесе 1.110,50 евра. Иако звучи одлично, тоа се само 14,5 евра над официјалната граница за сиромаштија во Германија.

Генерално, во ЕУ за сиромашна личност се смета оној што заработува помалку од 60 отсто од просечната плата. Секако, овој износ треба да се стави во контекст на реална ситуација во секоја земја, односно да се земат предвид цените на храната, киријата и слично.

На чело на земјите-членки на ЕУ е Луксембург со минимална месечна заработка од околу 2.000 евра, додека на дното е Романија со околу 250 евра. Но, дури ни во Луксембург работниците со минимална плата не се далеку од границата на сиромаштијата. Границата на сиромаштија во Романија се наоѓа на 137 евра, додека вработените со минимална плата заработуваат речиси двапати повеќе. Но, кога се разгледува општата ситуација, во Романија е прилично лоша – таму речиси третина од населението не може старата облека да ја замени со нова.

Европската Унија предложи законската минимална заработка да биде таква што ќе може да обезбеди минимален животен стандард и најмалку 60 отсто од просечната плата. Кај нас проблемот е што просечната плата не може да покрие ни половина од потрошувачката кошница на четиричлено семејство, додека минималната плата не може да ги покрие ниту трошоците за храна, што не е случај во земјите од ЕУ.

(fakulteti.mk)

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE