Миле Јанакиески бара сведочење на в. Агатангел, Протуѓер, Коневски и Богдановиќ- за “Насилство во Центар”

Прочитај за: 3 минути

На наредното рочиште на 24 септември, странките ќе почнат со изнесување на завршните зборови, по што набргу се очекува да има и пресуда во овој случај.

Во завршницата на судскиот процес за предметот кој во јавноста е познат како „Насилство во Центар“, одбраната излезе со неколку барања, меѓу кои и сведочење на неколку познати лица, но судот не ги прифати, јавува 360 степени.

Судскиот процес за насилните протести пред Општина Центар летото 2013 година е во фаза на дополнување на доказната постапка, а денеска најмалку четворица од обвинетите за насилството, меѓу кои и ексминистерот Миле Јанакиески, предложија да биде повикан владиката Агатангел.

Околностите поради кои бараат да сведочи е што тој јавно повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“. Исто така, сведоци кажале дека тој ги организирал протестите, а не ВМРО-ДПМНЕ.

Јанакиески се пожали дека судот не му прифатил ниту еден од 15-те сведоци, па побара во оваа фаза да бидат испитани барем 3-4 кои за неговата одбрана се најважни. Генералниот секретар во бившата влада на Никола Груевски, Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер и поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, се меѓу сведоците кои тој и неговите адвокати ги побараа.

Тие го бараат и актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, а причината ја образложија со тоа што Богдановиќ во времето на објавување на „бомбите“ на прес-конференција презентирал еден разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски, кој не бил доставен како доказ на СЈО.

Адвокатите се обратиле и до обвинителството за да го побараат разговорот, а оттаму, како што презентираше Јанакиески денеска, им одговориле дека тој разговор нема важност за предметот и не претставува доказ бидејќи од него не произлегува некој факт важен за одбраната или за обвинителството.

Одбраната на Јанакиески вели дека ако се согледаат исказите и доказите тогаш би требало да има и други негови разговори, ако се земе предвид податокот дека тој бил прислушуван од мај 2013 до средината на 2015 година. Тие го наметнуваат прашањето дали има и други разговори повикувајќи се на исказ на Томислав Лазаров, советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар во периодот на протестите.

Имено, наведуваат дека Лазаров, кој исто така беше обвинет, но призна вина и доби условна казна, во сведочењето кажал дека комуницирал со Јанакиески, па затоа одбраната вели дека ако е тоа точно тогаш треба да има и други разговори со ексминистерот.

На барањето за дополнителни докази, обвинителот Гаврил Бубевски не се противеше на дел од нив, но за поголемиот дел, меѓу кои и за барањето за нови сведоци и за бомбите, рече дека не се релевантни и смета дека се предлагаат само за одолговлекување на постапката.

Судијата Душан Јосифов во образложението за одбивањето на доказите рече дека не се однесуваат на нови околности што се појавиле во текот на постапката.

По неговото решение, со презентирање на десетината докази што беа прифатени заврши и денешното судско рочиште. На наредното странките ќе почнат со изнесување на завршните зборови, по што набргу се очекува да има и пресуда во овој случај.

На 24 септември завршни зборови ќе почне да дава обвинителството. Тоа тврди дека зад протестите стои ВМРО-ДПМНЕ, наспроти денешните тврдења на одбраната дека партијата не е организатор.

Тие, според поранешното СЈО, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“.

Тогаш локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Нова ТВ

SHARE