Одлуката не е по волја, туку се е според закон регулирано, си има процедура – за ,,Фокус” вели министерката за образование Мила Царовска, по повод случајот со талентираниот осмоодделенец од Штип, кој деновиве ја бранува јавноста.
Веста дека барањето на ученикот Дамјан Давков и неговиот наставник Кокан Радев од основното училиште ,,Ванчо Прќе” од Штип е одбиено, и покрај тоа што освоил прво место на државен натпревар по математика, прва година, не му следувала парична награда бидејќи тој бил ученик во основно образование, а наградата им следувала на ученици од средното образование, ја објави неговата мајка Никица.
– Еве како во Македонија се ценат талентираните ученици! Очигледно во законот нема предвидено вакво нешто. Да учествуваше за основно училиште, ќе му следуваше, а вака – Не! – реагира мајката, која го објави и решението потпишано од министерката Мила Царовска, со кое се известуваат дека барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на натпреварот се одбива.
Понатаму, мајката пишува дека нејзината објава е реакција на апсурдноста.
-Не станува збор за тоа дали ќе ја добие наградата. Но, доколку законот погрешно е толкуван, не е во ред. Доколку законот вели така, тогаш воопшто нема смисол, па нека си го сменат. Денес сме ние, утре истото ќе биде за друг ученик. Толку е – објави Давкова.
Објавата ја проследија бурни реакции на јавноста и масовно се споделува на социјалните мрежи. Актуелни се прашањата дали ова е начинот на кој се ,,поттикнуваат” талентираните ученици во земјава, и како може да се дозволи ученикот наместо поттик од државата, па и доделување на поголема награда поради тоа што е помлад од останатите учесници на натпреварот, да доживее вакво разочарување, бидејќи со закон не биле предвидени вакви случаи.
Повеќе >> fokus.mk