Бранко Героски во колимна на Плусинфо прави анализа на моменталните политички случувања:
,,Формирањето политички клонови на ВМРО-ДПМНЕ е дел од традицијата на оваа партија во деведесеттите години. Прескромните резултати на партиите клонови на изборите можат да се објаснат со ограничувањата на процесот на политичко колонирање како таков.
Проблемот произлегува од фактот што политичките клонови преземаат дел од членовите, симпатизерите и од гласачите на матичната партија, со тоа објективно ѝ нанесуваат политичка штета, но за себе не прават ништо добро, бидејќи политичкиот профит оди главно на контото на главниот политички конкурент, СДСМ. Дури ни една маркантна политичка фигура, каква што беше Љубчо Георгиевски, со својата ВМРО – Народна партија, не успеа да се наметне како политички фактор кој ќе го загрози бипартизмот.
Мојот впечаток е дека агилниот Митко Јанчев, иако без доволно политичко искуство поради својата младост, инстинктивно чувствува дека мора да биде претпазлив во најавите и дека претходно мора добро да ги извага шансите за успех на новата партија што би била формирана, а во која тој би бил водечката фигура, во споредба со можностите оваа фракција сепак да најде заеднички јазик со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Причина повеќе за тоа е одличниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ на последните претседателски избори, што навестува и успех на парламентарните избори. Не е случајно тоа што во своето последно интервју за порталот Фактор, Јанчев прво зборува за „вразумување“ и за „соединување“ во својата матична партија, а дури потоа за можноста за формирање нова партија.
Извесно е дека многу скоро лидерот Христијан Мицкоски експлицитно ќе го прифати Преспанскиот договор како непобитен „правен факт“ (како што тоа го стори Гордана Силјановска Давкова во претседателската кампања) и дека уште поекслицитно ќе се дистанцира од груевизмот, со што „реформаторите“ ќе ја изгубат основата на својот бунтовнички наратив.”