За мене политиката не е пазар, туку е филозофија, а во коалицијата на СДСМ има некои што ќе ја поддржат реформската политика што ја нудиме ние, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по конституирањето на Собранието.
Тој додаде дека мистериозни личности во името на раководството на СДСМ се обиделе да се пазарат со пратеници.
– Сето она што се темели на некои реминиценции од некои минати искуства нема да можат да бидат применети во овој парламентарен состав Да оставиме времето да покаже кој ќе го формира парламентарното мнозинство. На оние пратеници на кои им пристапиле митериозни личности кои се повикуваат на името на раководството на СДСМ, пријдоа ми кажаа и со згрозување ги одбија и јас со згрозување одбивам да коментирам ваков тип на пазар. На тој начин само ги демотивираме нашите сограѓани за на следните избори кои ќе бидат локални да излезат и да го дадат својот глас – рече Мицкоски.
Како што кажа тој, ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следува ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство изградено врз политичка филозофија, а не политички пазар.
Во одговор на политичко прашање дали во редовите на ВМРО-ДПМНЕ има пратеници кои би можеле да преминат на страната на СДСМ, Мицкоски вели дека не постои таква можност.
– Луѓето во кои бескрајно верувам, а кои се дел од овој парламентарен состав и се дел од пратеничката група „За обнова на Македонија“, не верувам дека постои таков кој ќе ја поддржи програмата којашто ќе је понуди господинот Заев – рече Мицкоски.