Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција побара веднаш да се прогласи кризна состојба за Владата да може да донесе сет мерки во услови кога Собранието е распуштено.
Мерките, вели тој, се донесени во консултација со тим експерти од партиската здравствена комисија, а се со цел заштита на граѓаните и задржување на економската стабилност со државна помош за компаниите.
Во мерките што ги предложи Мицкоски се итна национална набавка на антисептички средства кои ќе бидат поставени на јавни места за граѓаните да можат да ги користат; делење бесплатни маски и ракавици за граѓаните; удвојување на човечките капацитети во здравствените установи задолжени за справување со коронавирусот; формирање стручно тело кое ќе го контролира пазарот бидејќи се забележуваат енормни покачувања на цените за маски кои се и по 40 пати повисоки од редовно; редуцирање на бројот на државна администрација; телефонска линија достапна 24 часа на која граѓаните ќе може да поставуваат прашања за коронавирусот; формирање тело кое ќе има единствена надлежност да го следи спроведувањето на препораките.
Во сетот економски мерки, пак, Мицкоски предлага Владата да ги замрзне давачките кон државата за компаниите погодени од ситуацијата, замрзнување на обврските на овие фирми кон банките и заемодавателите, покривање на 50 отсто од трошоците за вработени во тие компании и др.
Овие мерки, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се предлагаат за март. Тој порача дека во април тие ќе ја преземат власта и ќе продолжат уште поенергично да се борат со коронавирусот, а актуелната власт ја обвини за лошо справување со ситуацијата и рече дека ќе се сноси одговорност за тоа.