Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска испрати честитка по повод Денот на трудот и ја обвини власта дека го девалвира трудот на работникот.
-Оваа година работникот и неговиот трудот како никогаш до сега е девалвиран и потценет. Оваа година е најцрната економска година за Македонија. За една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6000 компании кои ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. Згора на сето тоа животот станува се поскап, цените на основните намирници растат, поскапуваат горивата и струјата, а со тоа и трошоците на секое едно семејство. Безнадежноста и чувството дека се оставени сами на цедило го одбележуваат овој 1-ви Мај.
Чувството на горчина кај секој од нас не е само поради падот на стандардот, туку и поради негрижата и лошите политики на оваа власт, кои не даваат надеж дека наскоро работите ќе се подобрат. Да, пандемијата влијаеше врз нашите животи, врз економијата и стопанството, но во Македонија црните економски статистики и колапсот се најизразени во споредба со целиот регион. Сликата со правата на работниците и нивниот стандард никогаш не била потажна и поцрна.
Мерките кои оваа влада ги превземаше беа или необмислени или задоцнети, па наместо конкретна помош се претворија во обична маркетинг шминка. Наместо ветуваните над милијарда евра помош, кај стопанството и кај работниците завршија само трошки. Токму затоа имаме состојба во која кај елитата на празничните трпези ќе има златни лажици, а кај најголемиот дел од народот живот на вересија, порача Мицкоски.