Денко Малески останува надворешен советник на претседателот Пендаровски иако шефот на државата не се согласувал со својот соработник за ставовите околу Бугарија.
Оваа информација е објавена на емисијата “Заспиј ако можеш” на Алфа од каде побарале став на кабинетот на Пендаровски.
Во емисијата беше прочитана следнава реакција од кабинетот на Пендаровски:
Професорот Денко Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во Кабинетот, постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и Александар Људмил. Спасов со кои претседателот е во комуникација на дневна основа.
Освен споменатите, претседателот се консултира и со многу други експерти и професори од академската заедница и од МАНУ. Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско бугарските односи.
Меѓутоа, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малевски. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот од прв до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени.