Последните случувања на меѓународната сцена отвораат перспектива за почеток на еден „цивилизиран и добрососедски дијалог“ меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели за НОВА ТВ поранешниот дипломат и професор по меѓународно право, Денко Малески. Малески е оптимист дека решение ќе се најде, но смета дека за некаков исчекор во разговорите меѓу двете земји ќе мора да се почека до изборот на нова бугарска Влада.
„Интересот на ЕУ, за вклучување на целиот Западен Балкан во тој европски проект е многу голем. Сега би требало да ја искотистиме таа шанса, иако не сум сигурен дека е можен некој голем пробив пред да се завршат политичките избори во Бугарија и пред да се стабилизира тамошната Влада“, вели професорот Малески.
Малески е дециден, дека и покрај искрената воља на претседателот на Бугарија, Румен Радев да ги придвижи преговорите, тој како политичка индивидуа не може да направи многу. Професорот е песимист во однос на најавите на евроспките дипломати дека придвижување на преговорите со Унијата би имало веќе во јуни.
„Ја разбирам логиката на бугарскиот претседател Радев кој изјави дека тие имаат усвоено став во Парламентот преку кој тој не може да помине. Ниту Радев ниту административната Влада во Бугарија не би можеле да влезат во решевање на спорот при постоење на ваков документ. Тоа во превод би значело дека решение толку брзо е можно ако ние таксативно одиме точка по точка и прифатиме се она што во бугарскиот Парламент било усвоено, што според мене се неверојатни ситуации во политиката, па оттаму и скепсата дека наскоро ќе има некакво решение“, вели Малески за НОВА ТВ.
Во однос на поддршката што САД ја дадоа за евроинтегративниот процес на С. Македонија, професорот е дециден дека ангажманот на САД секогаш бил многу важен на Балканот и оти америкаската администрација и во иднина треба да остане посветена на регионот.
Повеќе >> novatv.mk