Францускиот претседател Макрон во интервју за магазинот „Економист“ кажа дека е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите. Понатаму, Макрон вели дека членките на ЕУ се задскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје.
„Сите во ЕУ беа за преговори со Северна Македонија, но не и со Албанија. Северна Македонија е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори и доколку и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат.“, вели Макрон за британски „Економист“.
Наспроти ваквиот став на Макрон, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски продолжува со тврдењето дека отварањето на преговорите зависело од власта предоводена од Премиерот Зоран Заев. Во интервју за хрватски „Вечерњи лист“, кажа дека според него немало шанси Заев да го убеди Макрон да ја смени одлуката.
„Ако ме прашате за моето мислење за одлуката на претседателот Макрон, мислам дека шансите се минимални, особено ако претседателот Макрон не добие цврсти аргументи дека фактите се променети и дека давањето датум на Македонија е корисно и за Франција и за Европската унија. Кои гаранции може да ги даде Заев на претседателот Макрон? Заев нема образ, а Европа не верува во неговите солзи“, изјави Мицкоски за „Вечерњи лист“.
Откако стигна негативен одговор од Брисел, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и тогаш го обвинија премиерот Заев дека нема капацитет да ја внесе земјата во ЕУ, побараа негова оствка и предвремени избори.