Денешната собраниска седница почна со констатирање на четири оставки на пратеници, од кои тројца од мнозинството кои се спремаат да преминат во третиот ешалон на власта. Директорски позиции се подготвуваат и за дел од поранешните заменик-министри
Тројца пратеници од мнозинството – Сања Лукаревска и Мухамед Зекири од СДСМ, како и Бајрам Реџепи од ДУИ поднеле оставка од функцијата.
Нивните оставки, како и оставката на Игор Дурловски од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието Талат Џафери ги констатираше на почетокот на денешната пленарна седница.
По констатирањето на четирите оставки, Џафери ја прекина седницата и сега на потег е ДИК која треба да го извести парламентот кои се новите пратеници кои ќе влезат на нивните места. Нивните мандати треба да бидат верификувани на нова седница, а преку Комисијата за деловнички прашања.
ДИК веднаш закажа седница, со почеток во 11.30 часот.
Ниту еден од пратениците не ја образложи својата оставка од собраниската говорница, но за пратениците од владејачкото мнозинство, како што се шпекулира изнесен период, извесно е дека се повлекуваат од Собранието поради заминување на директорско место.
Зекири се спомнуваше како можен директор на Фондот за здравствено осигурување, каде што Владата вчера назначи в.д. директор додека Лукаревска веројатно се враќа на челното место во УЈП.
И дел од поранешните заменик-министри од редовите на СДСМ се спомнуваат како можни кандидати за директорски позиции, по „трампата“ на функции во третиот ешалон со ДУИ. МНогу веројатно е дека поранешниот заменик-министер за животна средина Јани Макрадули ќе биде директор на „Пошти“, од каде што отстапи Ејуп Рустеми од ДУИ.
За доскорешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски, пак, има информации дека ќе биде директор на ЈП „Железничка инфраструктура“.
Извор: 360 степени