Северна Македонија стигна подалеку отколку што можеше да се претпостави пред неколку години и сега е време да се наградат напорите на државата. Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите на земјата со Унијата, вели шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак и актуелен претседавач на ОБСЕ во интервју за МИА, ден пред официјалниот дел од неговата посета на земјава.
Оваа година мора да има награда од ЕУ за успехот
Во врска со одложувањето на датумот, наместо првичните очекувања овој месец, за оваа есен, Лајчак вели дека неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигнала подалеку одошто можело да се замисли пред неколку години. Нагласува дека Словачка верува дека е време е да се наградат напорите на земјата и да се испрати позитивен сигнал до граѓаните.
Тој додава дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верува дека „оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите меѓу вашата земја и ЕУ“.
-Неодамнешните постигнувања се навистина извонредни, земјата стигна подалеку одошто можевме да замислиме пред неколку години. Сегашната влада заслужува пофалба. Постигнувањата во зајакнувањето на соседските односи се невидени во регионот – благодарение на Скопје, Софија и Атина. Ваквата состојба треба да се искористи за уште поголем напредок. Словачка верува дека време е да се наградат вашите напори и да се испрати позитивен сигнал до вашиот народ. Неисполнувањето на нашите ветувања ќе донесе сериозни последици.
Но дискусиите не се завршени и мислам дека неколку месеци нема да направат огромна разлика за народот на Северна Македонија кој чекаше толку долго, но сепак силно верувам дека оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите помеѓу вашата земја и ЕУ. Ова е истата пораката која што ја испратив во Луксембург, истакнува шефот на ОБСЕ.
Лајчак го смета за добар и продуктивен принципот на интеграција на земјите во тандем, како што е случајот на Северна Македонија и Албанија, иако смета дека индивидувалната заслуга треба да преовладува.
-Принципот „регата“ – значи дека земјите ќе се приклучат кога ќе бидат квалификувани, наместо во групи – одразува основна и фер норма во остварувањето на интеграциските амбиции на земјите. Движењето напред во група или во тандем со друга земја е добро и продуктивно. Но треба да преовладува принципот на индивидуална заслуга. Словачка, како и низа други земји членки на ЕУ, верува дека сега е времето Северна Македонија и Албанија да се впуштат во преговарачката патека. Отворено зборувавме за ова за време на минатонеделниот состанок на Советот за надворешни работи и ќе продолжиме да застапуваме за Вас и во иднина.
Лајчак за Преспанскиот договор со оценка дека со него магичниот круг на националистички митови бил растурен со политичка волја и храброст и со надеж дека тој ќе служи како инспирација за другите во регионот и ќе придонесе за регионално помирување. Вели тоа што е договорено во него е неповратен процес.
-Преспанскиот договор претставува огромен успех и навистина е пример за успешна демократија и решавање спорови. Долго време се чинеше дека спорот со името е нерешлив, но со вистинско лидерство, вистинска визија и вистинска храброст се изнајде решение. И тоа веќе ја подобри регионалната безбедност. Сега, земјата треба да продолжи да се фокусира на реформската агенда и да ја продолжи позитивната динамика која ја постигна, вели Лајчак.
За корупцијата, слободата на медиумите и говорот на омраза
Во врска со работата на СЈО, за која неодамна Мисијата во Скопје го претстави втор преоден извештај, Лајчак ги повика сите политички партии да постигнат договор за нацрт-законот за ЈО, кој ќе ги задоволи очекувањата на јавноста дека корупцијата ќе се казни и дека институциите на правдата ќе продолжат да се зајакнуваат.
-Ние се сложуваме со оценката на Амбасадорот Која и навистина сме загрижени од фактот што институционалниот статус на СЈО сè уште не е решен и тоа што нацрт законот за Јавното обвинителство е во безизлез повеќе од четири месеци, истакнува Лајчак.
Шефот на ОБСЕ се согласува со оценката на Фридом хаус во последниот извештај дека состојбата со медиумите во Северна Македонија е донекаде подобрена, но истакнува дека годинава имаше два напада врза новинари.
-И додека бројот на напади врз новинари се намалува, инцидентите од годинава покажуваат дека земјата треба сè уште да развива делотворни механизми за да обезбеди безбедна работна средина за новинарите. Оваа е една областите во кои нашата Мисија во Скопје е активно вклучена. Ова не е феномен кој е присутен само во Северна Македонија. Како што знаете, мојата земја требаше да се справи со истото. Важно е дека работиме заедно и го споделуваме наученото – со цел да ги заштитиме и слободата на медиумите и животите на новинарите, истакнува Лајчак.
Во контекст на слободата на изразување, Лајчак истакнува дека говорот на омраза е негативен феномен кој претставува потенцијална закана за подобрувањето на меѓуетничките односи и политичкото помирување. Притоа тој истакнува дека земјава сè уште не собира адекватни и систематски податоци за инциденти од омраза, но информациите од граѓанските организации сепак покажуваат дека нетолеранцијата на етничка, политичка и верска основа е сложен предизвик за земјата.
-Искрено, тој тренд е навистина загрижувачки и има зголемување на инцидентите од омраза базирани на политичка припадност пред, за време на, па дури и по избори. Повеќе треба да се направи за да се стави крај на овој тренд. И во овој поглед, Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува напорите за намалување на бројот на инциденти од омраза, вели Лајчак во интервјуто за МИА.