Зошто европските институции молчат за скандалот „Рекет“, зошто нема ниту еден извештај? Во Брисел некој стравува од нарушување на имиџот на ЕУ и затоа е дадена наредба да се молчи пред криминалната реалност во Македонија. Италијанскиот весник „Ла Верита“ кој во продолженија објавува видео и аудио материјали за мега скандалот „Рекет“, овој пат преку колумна на новинарот Ларис Гајсер насловена „Могерини кажи нешто“ бара одговори за неразбирливиот молк во ЕУ и нуди разјаснување во фактот дека специјалната обвинителка Катица Јанева всушност беше поставена со силно инсистирање токму на европските власти, а пред се на Жан Клод Јункер и Федерика Могерини.
Без разлика на летниот период, илјадници вработени во внатрешните служби на ЕУ, од кои 220 во делегацијата во Скопје, не успеаја да изнесат ниту еден институционален извештај со надеж брзо да се разјаснат фактите. Наредбата од Брисел да се молчи и да се избегнуваат дополнителни штети на имиџот сигурно била пренесена на кристално јасен начин. Толку јасен што и на Дорис Пак и станало јасно дека нешто не чини“ – пишува во колумната на Гајсер.
Токму Дорис Пак, една од најмоќните политичарки во Германија вчера апелираше за итна реакција од надворешните служби на Унијата, прашувајќи се како може да се молчи пред криминалната реалност во Македонија.
Колумнистот на италијанскиот весник вели дека пред неколку години ЕУ инсистираше на СЈО, па затоа сега од Брисел задолжително би требало да им одговорат, како што велат, „особено на оние внатре во македонската администрација, коишто во изминатите месеци го ризикуваа животот помагајќи ни во објавувањето на материјалот, убедени дека сѐ уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите“. Во колумната тој ги коментира случувањата во земјава по објавувањето на аудио и видео материјалот за аферата и реакциите на политичарите и инволвираните во неа. На сето тоа, додава дека редакцијата на весникот продолжува со проценка на правната изводливост за потенцијално објавување на нови аудио материјали и порачува дека во „Ла Верита“ се надеваат оти македонскиот народ конечно може да добие вистинска поддршка од странските престолнини, кои, како што потенцира, досегa воделе политика од сенка.