Протестите што денеска ги најави Христијан Мицкоски се последни обиди за спас на неговата фотелја во белиот дворец, реагира владејачкиот СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција повика на протести против поскапувањето на струјата.
„Очаен и фрустриран од третиот последователен пораз од граѓаните, тој повторно ќе ги малтретира своите сопартијци по улиците, како што тоа го правеше и претходно после секој пораз. Денес за струјата глуми загриженост оној што ја поскапи за 100 отсто и ја укина евтината тарифа“,
изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа вели дека граѓаните на овие избори му упатиле јасна порака на Мицкоски и го оставиле во опозиција што, според СДСМ, значи дека тој ја нема поддршката од народот.
„Поразениот од народот, не може да се повикува на народот. Кога веќе ги најавува протестите, Мицкоски треба да каже и кој ќе му ја плати логистиката за нивно одржување. Орце Камчев или Никола Груевски? Или ќе го сторат по принципот 50-50?. На едната страна се граѓаните и нивната европска определба, на таа страна е и Владата, а на другата се Мицкоски, Груевски, Камчев и нивната определба да се оди назад“,
вели Кузеска.