Продолжуваат преписките меѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и полковникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Тој, преку Фејсбук ѝ возвраќа на министерката за тоа дека го нарече плачко и лажго, по неговото негодување дека е казнет со намалување на плата во рок од шест месеци.
„Не е учтиво од уста на дама на толку висока политичка и партиска функција да напаѓате на личност со неумесен речник и да ме наречете плачко и лажго. Нема да се симнам на тоа ниво, но во интерес и добробит на општеството, на сите родители би им советувал такви фрази да избегнуваат пред своите деца“, реагира Ковачки на неговиот профил на Фејсбук.
Денеска, министерката Шекеринска одгворајаќи на новинарско прашање околку военодисциплинската постапка за Ковачки со која е казне со намалување на плата во рок од шест месеци, рече дека срамно е и несериозно однесувањето на полковникот и му порача да одлучи дали ќе ја нови воената или партиската униформа.
Ковачки вели сега дека Министерката дефокусира и тврди дека во военодисциплинската комисија која одлучувала за неговата казна не членувал ниту еден генерал туку имало и лица помлади по чин од него.
„Па од авион се гледа Вашиот притисок врз Вашата комисија. Институцијата не Ви е партиска играчка да се пресметувате со мене затоа што не мислам како Вас“, вели Ковачки ѝ упати прашање до министерката да појасни која била нејзината улога во набавката на кинеските вакцини.
Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува и престанок на работниот однос, но Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оценила оваа мерка за престрога, па началникот на Генералштабот, како надлежен старешина, ја донел и спроведе следната пониска дисциплинска мерка.
Еден од основите за кој е утврдена вина е и точката 13 од наведениот член и став, „повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар“, бидејќи упатена е закана од полковникот Драган Ковачки кон началникот на Генералштабот, која гласи – „долга е раката на ВМРО“.
Извор: 360stepeni.mk