Судијката Добрила Кацарска која го водеше процесот за упадот во Собранието на 27 април и која ја изрече првостепената одлука вели дека претседателот Иванов нема ингеренции да ги аболицира неправосилно осудените и дека не може да постои знак на равенство меѓу донесениот Закон за амнестија и вакво барање за амнестија кое го поднесоа адвокатите.
-Иванов нема право да ги аболицира неправосилно осудените за 27 април и мојот став е дека нема ингеренции за тоа. Уставниот суд го избриша оној член 11 од Законот за амнестија на кој се повикуваат адвокатите. Јас не сум го видела барањето за аболиција, но според она што ми го појаснувате нема право Иванов да помилува врз основа на така поднесени барања за амнестија. Адвокатите треба да прават разлика помеѓу Закон за амнестија кој е донесен со двотретинско мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија и барање за аболиција. Знак на равенство помеѓу донесениот закон и барање за аболиција која е поднесено како резултат на претходно донесен Закон за амнестија, не може да има. Не се работи за нешто што е исто“, објаснува судијката Кацарска.
Таа додава дека каква и да е одлуката на Иванов, нејзиниот став во врска со пресудите секогаш ќе биде идентичен и нема да се промени.
-Каква одлука и да донесен претседателот Ѓорге Иванов, мојот став за она што сум го изрекла како пресуда останува ист. Секогаш велам, а и денес ќе повторам дека најважно за еден судија е да има свој изграден став и да стои зад тоа, а тој став да го носи врз основа на аргументи и претходно направени анализи кои ја засегаат проблематиката за која носи одлуки. Ако се донесе позитивна одлука по барањата за аболиција единствено што ќе треба да направам е да запрам со изготвувањето на првостепената одлука во писмена форма, кое е во тек и кое е законска процедура по изречена судска одлука, додава Кацарска.
За насилствата во Собранието, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години судијката Кацарска осуди 16 лица, а го ослободи Игор Дурловски. Останатите обвинети претходно беа ослободени со донесениот Закон за амнестија.
[ Извор: 1tv.mk ]