Бранимир Јовановиќ, еден од основачите на „Левица“, во постоизборно интервју за Нова ТВ, говори за освоените гласови и пратенички мандати на партијата на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Но, и за почетоците од формирањето на „Левица“, за патот што бил трасиран тогаш, а кој по кој партијата се движи сега, за скршнувањето од курсот на анти-националистичка партија и партија која ќе нуди решенија за секојдневните проблеми во партија што сега нуди национализам.
За луѓето што се останати во „Левица“, сепак, вели дека не се националисти туку обични опортунисти кои имаат само желба за моќ што, според Јовановиќ, ги прави опасни. Главен фактор за нивниот успех, смета тој, е незадоволството на граѓаните од двете големи партии, од СДСМ и од ВМРО.
За СДСМ бидејќи не испорача, не ги исполни ветувањата, додека ВМРО, пак, покажа целосна неспособност за реформирање и за расчистување со проблематичното минато. Тоа, како што вели Јовановиќ, создаде бран на незадоволство што во отсуство на друга кредибилна политичка опција заврши кај „Левица“.
Нова ТВ: Како ја дефинирате „Левица“ како партија на македонската политичка сцена?
Јовановиќ: Оваа Левица сега нема скоро ништо заедничко со онаа „Левица“ што ја формиравме пред четири години. Само тројца-четворица од основачите на партијата се останати таму. Го сменија логото на партијата – порано логото беше раце што се поздравуваат, сега е рака која држи нож, што кажува многу. Го сменија и начинот на раководење. Порано имаше колективно претседателство, сега има претседател, како своевиден султан. Најважно од сè, луѓето кои се сега таму ги продадоа идеалите, вредностите и принципите на кои ја изградивме „Левица“. „Левица“ беше формирана како анти-националистичка партија и партија која ќе нуди решенија за секојдневните проблеми на луѓето, а оваа партија сега нуди само национализам. Оваа партија сега стана популарна поради бајките за укинување на двојазичноста и на Охридскиот договор и за поништување на Преспанскиот договор. Како овие работи ќе им го подобрат животот на луѓето во оваа држава? – Како укинувањето на двојазичноста ќе им ги реши проблемите на 450.000 сиромашни во оваа држава? – Како враќањето на името ќе го подобри здравството и образованието?
Понатаму, што да мисли човек за партија која влегувањето во Собранието го прославува со изјава – „сите ќе ве стреламе“? – Особено кога знаете дека тие луѓе години наназад постојано пишуваат за бесење и сечење глави? – Дали сакате да видите на власт луѓе кои нарекуваат „дегенерици“ новинари со кои не се согласуваат? – Кои постојано употребуваат термини како „сороспии“ за сите кои ги критикуваат? – Што да очекувате од тие луѓе ако, хипотетички, утре навистина дојдат на власт? – Имавме такви на власт до пред неколку години, „Левица“ ја формиравме за да се бориме против таквите, а не за да пропагира такви вредности.
Нова ТВ: Името на партијата експлицитно ја дефинира како партија со левичарска идеолошка матрица. Од друга страна партијата очигледно се занимава со национални теми својствени за десничарските партии. Зошто е тоа така во случајот на оваа партија?
Јовановиќ: Тие почнаа да играат на картата на национализмот кога не успеаја да влезат во Собранието на претходните избори, кога се појавија прашањата за двојазичноста и за името на државата. Како мала опозициска вонпарламентарна партија, немаа многу опции за дејствување во тој период, па чекаа вакви непопуларни мерки за да напаѓаат и да добиваат поени на нив. Притоа, тоа го правеа само за да добиваат политички поени, без да веруваат и самите во тоа што го зборуваат. Ова се однесува и на луѓето кои се сега останати таму. Погрешно е да се тврди дека луѓето кои се сега таму се националисти. Да, тие сега шират национализам, ама сепак не се националисти, туку обични опортунисти кои ќе пропагираат било какви идеи, само за да добијат политички поени. Тоа се луѓе кои немаат никаква идеологија, туку имаат само желба за моќ. Затоа се и опасни.
Нова ТВ: Вие бевте еден од основачите на партијата. Зошто ја напуштивте?
Јовановиќ: Јас се пасивизирав од „Левица“ кога се донесе одлуката за самостоен настап на изборите во 2016 година, бидејќи сметав дека е погрешна, односно, дека партијата нема ништо да направи ако оди сама, што подоцна се покажа точно. Мислам дека многу работи ќе беа поинакви во државава доколку „Левица“ ја прифатеше понудата за коалицирање со СДСМ на тие избори. Ќе имаше неколку пратенички места уште тогаш, тие пратеници ќе имаа реална политичка моќ при носење на клучните одлуки, ќе можеа да блокираат одредени штетни закони, да условуваат со носење на други закони кои се од интерес на левицата, на работниците и слично. И, се разбира, немаше да забега во десно.
Притоа, интересно е дека еден од главните аргументи кои се пласираа тогаш против коалицирањето со СДСМ беше дека „Левица“ мора да остане чиста, дека не смее да оди со ниедна од двете големи партии, иако месеци наназад веќе соработуваше со СДСМ во рамки на „Шарената револуција“. Иронијата покажа дека по само две и пол години, „Левица“ отиде со ВМРО против кое претходно со месеци протестираше.
Целосното интервју на Нова ТВ.