Олга Костовска, ќерката на Трифун Костовски, наголемо се подготвува за изградба на ,,Кермес” кој се наоѓа во срцето на стариот дел од Градски парк, објект кој 15 години е во урнатини, – пренесува Јорданка Ивановска.
Таа е новата сопственичка. Како што вели самата во интервју – спорот со државата завршил околу сопственичкиот дел во полза за семејството Костовски.
Олга Костовска ќе гради кафеана и културен центар. Не појаснила во интервјуто каде ќе завршува кафеаната, а каде ќе почнува културата.
Според новите измени во планот за овој дел од Градски парк, објектот има три намени, меѓу која и ,,големи угостителски единици”.
Новиот ,,Кермес” ќе биде на три ката, висина 7,9 метри со бруто развиена површина од 3.150 метри квадратни.
Стариот ,,Кермес” или ,,Ислахана”, изграден пред еден век, беше кафеана на еден кат во градот Скопје во кој живееја околу 48.000 жители [Попис 1913 година] и имаше севкупно 300 меани, анови, бифеа и други угостителски објекти.
Објектот во стариот план за Градски парк, кој уште е на сила, е означен како дива градба, но сегашниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, подготвува измени на планот со кој практично ќе ја легализира дивоградбата. Измените се во завршна фаза, планот набрзо треба да се гласа на седница на Совет на Општина Центар, каде мнозинство имаат советниците на СДСМ и ЛДП.
На колку метри квадратни Костовска е сопственичка?
Според имотниот катастарски лист, ,,Друштвото за трговија, угостителство и услуги-Кермес” е сопственик на 1.325 метри квадратни во Градски парк. Двор – 431 м2, под зграда 603 м2, 148м2 – зграда и 143 м2 – помошни простории.
Ова е состојба на ден 9 ноември 2020 година.
На дополнителни 54 метри квадратни, Костовска, има ,,право на користење”.
Повеќе информации >> Јоци МК