Статус на Никола Груевски:
Денес Зоран Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омрза кон мене нечесно давајки лажна и би рекол гнасна изјава со држење политички говор во судот дека јас сум бил организатор на настаните од 27 април 2017 година.
Тој денес уште еднаш јавно покажа дека е промотор на овој длабок и интензивен политички прогон врз мене каков што одамна не се случил во македонската историја.
Токму тој, понекогаш во соработка со други негови соработници, лично го осмислува и го нарачува прогонот против мене, често и кон мои блиски соработници со цел да ги притисне и уцени да бидат сведоци во неговиот нечовечки нагон да ми направи најголеми можни штети, понижувања, апсења, судења, пресуди, затвори и секаков друг вид малтретирања.
Има повеќе причини за тоа, а едно од тие сигурно е што јас сум антипод на неговите политики на промена на уставното име, идентитет и историја на македонскиот народ, но и антипод на неговите безидејни економски политики и редица други политики и резултати.
Добро е што јавноста знае колку тежи зборот и колку е искрен со јавноста и со сите околу него, бидејќи постојано и безмалку континуирано јавноста, граѓаните се сведок на неговите лаги и лажни ветувања.
Од она што го дознавам во последните месеци на многу негови блиски и не многу блиски им говори дека во овој мандат ќе направел најголеми можни напори и активности да ме затворел, употребувајќи секакви можни и најбрутални методи. И во тоа е постојан и посветен. Од лажни и паушални сведочења како денешното, изнуда на изјави и сведоци, следења, заплашувања, уцени, притворања и други дивјачки методи кон моите блиски и соработници, па до креирање на нови судски случаи, диктирање на пресуди на судиите на сите нивоа а потоа и нивно наградување за послушноста, давање задачи на обвинителите и инструкции на контролираните од него медиуми.
Зоран Заев знае дека јас не сум организатор на насилно влегување во парламентот и физички пресметки во него.
Знае и свесен е дека нема никаков доказ за тоа, затоа што тоа е невистина.