Вирусите на трендерот
Со жалење ги проследувам настапите на некои македонски политичари како последните на Стево Пендаровски, актуелен Претседател на Македонија.
Влечејќи една историска паралела не можам, а да не се потсетам на многуте такви кои продефилирале и потоа се заборавиле во македонската историја кои сакајќи да се допаднат и додворат на помоќните соседи, и самите себе и други политичари или во тие времиња револуционери од Македонија ги обвинуваат и се обвинуваат за се и сешто.
Некои тоа додворување го правеле кон Србија, некои кон Бугарија, некои кон Грција, Албанија итн а “наш Стево” кон кој ќе стигне.
Исто така гледам дека сериозно го фатиле два “вируса” истовремено од неговите колеги од СДСМ каде и реално припаѓа независно колку да сака да го доживуваме како “независен”.
Едниот “вирус” е опсесијата со мене, која е веќе очигледна во секој негов настап. Вториот вирус е говорењето невистини, а преку тоа и манипулирање.
Овие симптоми Пендаровски ги пројави уште во изборната претседателска кампања. Тогаш ги игнорирав и мислев дека можеби се привремени и ќе траат дваесетина дена, но сега е веќе јасно дека се хронични и тешко излечиви.
Затоа, барем повремено ќе одговорам на шупливите тези, невистини и манипулации, во кои кога онака како во транс ги кажува со целата сериозност во ликот, мислиш дека и самиот верува во нив…
Патем речено, понекогаш несвесно или можеби свесно, знае да ја каже вистината, па во тој контекст имам разбирање зошто цели 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога не беше Претседател на Македонија, дури и по поразот на претходните претседателски избори, немал ниту намера, ниту обид да си замине од Македонија во странство, а сега откако дојде СДСМ, а тој стана Претседател сподели со јавноста на целиот Балкан и пошироко со светот дека да не бил претседател и тој сега би си заминал од Македонија.
Најдоброто објаснување на ова негово чувство се чита од неодамна објавениот податок за иселувањата прикажан во следниот графикон објавен деновиве низ социјалните мрежи.