“Со што и да ја покриваш нечистотијата, таа сепак останува нечистотија.“
Фјодор Достоевски
Вчерашното апсење како и сите претходни кон лица од опозицијата се политички нарачани и фабрикувани од СДСМ. Во исти манир како нивните комунистички предци по 1945-тата.
1. Ниту некој им верува ниту самите си веруваат дека ќе направат некој сериозен економски пресврт до следните избори како што најавија. Без подлога, еднократно во изборна година ќе зголемат плати во администрацијата, пензии, социјална помош и по некоја субвенција и горе долу тоа ќе е сѐ од “економските реформи и лекцијата по економија”. Таквите покачувања во многу потешки времиња, но со обмислена економска политика ние ги правевме на редовна база, плански, со точни пресметки и најавено со точни датуми неколку години однапред. Ова ќе биде ад хок, стихиен и очаен обид за собирање поени пред избори, па одкако ќе ги изгубат новата власт нека се снаоѓа.
Затоа како и претходно со старите удбашки методи се оди на нови и нови прогони, измислени кривични дела, фабрикувани случаи, апсења и изживувања.
Пренатрупани со афери, влегувајќи од грешка во грешка, се трудат со апсењата да постигнат два ефекти: првиот, да ја дефокусираат јавноста од секојдневните крупни и несватливи дури и за мали деца грешки и глупости кои актуелната влада ги креира секојдневно, да дефокусира од предавствата на националните интереси, непотизмот, неработењето, рекетот и криминалите со кои се преокупирани, и втората, да покаже некаква сила и важност со што всушност ги лечат своите комплекси и фрустрации од неуспесите на секое поле, освен сервилноста кон соседите каде што се покажаа многу “ефикасни”.
Има и трета, ама таа веќе не поминува кај народот: демек спроведуваат правна држава, во која тие се чесни, а опозицијата – криминалци и корумпирани.
Прочитани се веќе од сите, па дури и од нивните гласачи по тоа прашање.
2. Но дали знаете всушност зошто се уапсени оние 10-тина лица вчера?
Некаде прочитав немало аргументиран одговор. Па како ќе има кога тие што можат и знаат да аргументираат неправедно ги пикнаа во притвор токму за да не аргументираат пред јавноста.
Поранешната влада која ја предводев меѓу другото водеше политики кои создаваа сериозни растови во економијата дури и во години на светски, европски и домашни политички кризи.
Тие растови на економијата отворија 180.000 нови работни места што бројот на луѓе во Македонија кои се вработени го накачи од 560 на 740 илјади, пркосејки на многуте кризи кои ги набројав, а кои се погодија во нашиот мандат.
За таквото нешто спроведовме многу нови мерки и политики.
Една од мерките беше поттикнување на градежништвото, како јавното, така и приватното, како еден од сегментите кои го унапредуваат економскиот раст, но и растот на многу други гранки и отвораат нови работни места. Сектор кој влијае за унапредување на туризмот, индустријата, угостителството, земјоделството, услужните дејности и воопшто, на приватниот сектор, бидејќи секој нов изграден објект значи и нов бизнис, а најчесто освен привремените градежни работи значи и отворање на трајни нови работни места во ново изградените објекти, што и да се тие: хотели, трговски центри, деловни канцеларии, фабрики, земјоделски откупни центри, итн.
3. На почетокот на мандатот, како што пред изборите ветивме го сменивме законот и со новиот Закон, државна земја веќе можеше да се продаде само преку јавна лицитација со јавно електронско наддавање. Малку подоцна заради поттик на градењето се донесе закон со кој почетната цена може да биде 1 евро за метар квадратен, па потоа пазарот преку јавна електронска лицитација да ја одреди реалната пазарна цена во моментот, наместо тоа административно и субјективно да го прави државата.
Претходно, сите влади на Македонија продаваа исклучиво со директна спогодба по цена по договор и “лабави” правилници со ниски цени. Министерот за транспорт “во четири очи” со кој тој сака бизнисмен ја продаваше државната земја по ниски цени и тоа беше поле кое креираше многу можности за корупција.
Така на пример земјата за каде се изгради Рамстор во строгиот центар на Скопје некаде во 2003-тата се продаде по 25 евра квадрат со директна спогодба, а имаше и многу други такви “легендарни” зделки “во четири очи” без наддавање и уште сето тоа и со законска поткрепа. Такви закони сакаше СДСМ – такви имаше.
Затоа и сите претходни влади имаа афери за истото, ама не и судски, проблеми бидејќи законски си беа направиле да може да се продава државната земја со “договор во четири очи”.
Токму министерот Миле Јанакиески во 2006-тата го бранеше во парламентот новиот закон, со кој се стави крај на претходното “елдорадо” со државно земјиште.
4. Потоа детектиравме дека при продажбата на државна земја преку лицитација, земја на која некој би изградил нов објект од горе наброените можни области, некогаш има многу конкуренти и се достигнуваа многу повисоки цени, а некогаш само еден па цената остануваше пониска, односно еднаква на почетната.
Не само што ќе беше пониска, но забележавме и дека некои бизнисмени кои имаат повеќе слободни пари чекаа и купуваат баш такви локации, но потоа не градеа, ги купуваа за да ги чуваат за понатаму, можеби по десет или повеќе години одкако ќе завршат со некој штотуку почнат инвестициски циклус, или пак “кога ќе порасне синот”, а некои да остават и за внучето. “Ефтино е, нека се најде.”
Владата не беше задоволна од тоа и сакаше да ги поттикне оние кои купуваат државно земјиште во одреден рок да се обврзани да ја почнат градбата и да ја завршат исто така во законски одреден рок. Побрзо да се изградат нови фабрики, хотели, болници, деловни центри, откупни земјоделски центри итн. а не да стои празно неизградени најчесто пејсажно неуредено земјиште.
Или пак, ако не планираат да градат нека не купуваат, па ќе има втора, трета итн. лицитација, ќе се анимираат други, домашни и странски инвеститори, и така да се создадат услови за поголем број градби и отворање нови бизниси и работни места во разумен и реален рок, а со тоа и раст на економијата, извозот, повеќе туристи итн.
Од тие причини се предложи и усвои закон со кој новиот сопственик на државното земјиште ќе има рок да гради или истото ќе му биде одземено, а парите вратени, за да се овозможи ако не гради тој, некој друг да гради. Ако некој сака да си купи земја за вчера роденото внуче, нема проблем, има приватни локации за продажба во изобилие и таму нема рокови.
5. Сепак, бизнисот како и животот не секогаш е предвидлив па некои инвеститори ќе купеа земја на лицитација од државата со добар план за навремена градба, но по некое време работите во бизнисот ќе им се искомплицираа и неможеа да ги исполнат роковите.
Вчера упсените десетина лица се уапсени дека направиле некаква, а всушност непостоечка штета на државата бидејќи навреме во законскиот рок не им ги одземале некои 4 локации на тие што купиле и не изградиле.
Не ги знам деталите дали е така или не, и ако е така – зошто е така, но дури и да замислиме дека се е така како што вели власта, се прашувам каде е штетата и зошто апсење и медиумски спектакли за ваква работа.
Ако по закон треба некому да му се одземе земјата бидејќи навреме не почнал да гради, нека му се одземе. Ако владата одлучи потоа пак да ја продаде, нека ја продаде на нова лицитација. Ако пак одлучат да не ја продаваат, во ред.
Зошто ги апсат луѓето? Каква милионска штета направиле на државата што пропуштиле навреме (доколку е така) да им ја одземат на пример во 2015-та или 2016-та година таа неизградена земја на инвеститорите и да им ги вратат парите?
СДСМ е трета година на власт. Зошто не ги уапси и сегашниот министер за транспорт и новите службеници околу него што цели две години го правеле истото што претходно се случило: пропуштиле навреме да го одземат земјиштето и да ги вратат парите на тој кој го купил. Половина од 2017-та, цела 2018-та и половина од 2019-та новите власти не го одзеле земјиштето, а ги апсат оние што порано не го направиле истото. Зошто ако веќе за таква работа се апси, што е апсурд, со Јанакиески заедно не е и Сугарески? Ако доцнел Јанакиески, доцнел и Сугарески.