Градоначалникот на Дебар, Д-р Хекуран Дука, за „Слободен печат“ тврди дека во овој град, во кој е прогласена кризна состојба е потребно да се засили медицинската помош и дека очекуваат во текот на денешниот ден тоа да го стори централната власт.
– Во 10 часот имаме состанок на кризниот штаб бидејќи состојбата се влошува. Чекаме помош од централната власт, посебно медицински персонал, медицинска опрема и дезинфектанти. Потребни се и скафандери за здравствените работници. Има во моментов, ама ни треба залиха, зашто тие се при крај, а се за кратка, еднократна употреба. Малку има и страв и тоа е. Во Дебар нема ниту една респираторна машина. Овој вирус ни е бакшиш од Италија, бидејќи брачен пар кој се врати од таму биле на погреб, таму се гушнале со луѓето и единствена превенција сега е да се седи дома и луѓето да се самоизолираат. Имаме еден епидемиолог, двајца инфектолози, еден медицински техничар и еден микробиолог. Тоа нема да биде доволно. Тие со тешки симптоми ќе се препраќаат на Инфективна клиника. Имаме десет доктори, во болницата отворивме и еден стационар со четири кревети. Тешко е – рече Дука за „Слободен печат“.