“…Специфично е што денес тешко можете да сретнете експертска анализа или резиме за резултатите, но и за последиците од спроведуваната политика на ММФ и на Светската банка во бившите комунистички држави.
Конечно, многу од развојните настани беа склоп на околности чијашто главна карактеристика беше алчноста на старите комунисти, сега преслечени во облеката на демократи. Главната одговорност и вина за тој крајно нехуман и криминоген процес на приватизација ја носат Киро Глигоров и генералниот егзекутор, Бранко Црвенковски.
Лично бев жесток критичар на нивната политика и на начинот на кој беше спроведена приватизацијата. Посветено ги следев сите етапи на тој процес и затоа децидно ги посочувам повиканите!
Кога станува збор за ролјата на Бранко Црвенковски во сите замешателства околу поделбата, сметам дека тој само им овозможи на бившите комунистички кадри, да приграбат дел од националното богатство. Новите приватници во два-три наредни изборни циклуси, бездруго, штедро им помагаа на „кумот” и на СДСМ.
Денес, без исклучок, тие се експерти, независни менаџери, сопственици на тие фирми, однесувајќи се на начин небаре никој и со нииито да не им помогнал да го стекнат богатството, самите себеси воспевајќи се. Според моите сознанија, сите тие со душа чекале да се случи политичкиот крах на својот патрон Б. Ц. за да се ослобадат од моралната обврска да ги финансираат предизборните кампањи на СДСМ.
Колосален пример е начинот на кој се постапи со имотот што го поседуваше тогашниот гигант ,,Технометал”.
Ако го ѕирнете списокот на десеттемина најбогати бизнисмени и најбогати Македонци, несомнено ќе забележите дека сите до подледниот се произлезени од “Технометал”. Мистеријата на таа фирма, која уште од времето на Југославија имаше привилегирана позиција со мноштво трговски претставници во источниот блок, се разбира. стари комунистички кадри, остана нерешена.
Тие при неговиот распад ја искористија економската и финансиската моќ на „Технометал” а потоа, немилосрдно ги исползувааа бизнис-конекциите за лични лукративни цели, оставајќи ја сопствената држава со празна каса.
Така, по седум-осум години од распадот на Југославија, Македонија ги доби своите најславни бизнис-милионери, со заеднички именител: „Технометал”.”
Љубчо Георгиевски
Извадок од книгата: ,,Мојата Македонска приказна”