Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче, денеска во Владата се сретнаа со тројца родители, претставници на родителите кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство поради пандемијата со КОВИД-19, а кои реагираа на одлуката на Владата на 23 септември 2020 година сите родители на деца од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места, поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.
Заев ги увери родителите дека приоритет на Владата е здравјето и благосостојбата на децата и сите нејзини граѓани.
„Земаме обврска да ги разгледаме вашите барања и потреби и да ви дадеме повратен одговор во најкус можен рок. Ќе покажеме максимална флексибилност за одредени специфични случаи. Што се однесува до епидемиолошката слика, ние будно ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и следствено, секогаш размислуваме за донесените одлуки, нивната оправданост и потребата за нивна корекција. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, но мораме да научиме да живееме со пандемијата“, подвлече премиерот.
Министерот Филипче истакна дека секоја новодонесена мерка отвора нови прашања и дека мерките ќе трпат промени.
„Со соодветна медицинска документација, родителите на деца кои влегуваат во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Сепак, ќе нагласам дека најмалите деца имаат прилично висок имунитет и досега немаме случај на сериозно заболено дете од оваа популација“, истакна Филипче.
Министерката Шахпаска ги увери родителите дека, согласно сондажите што ресорното министерство ги прави на терен, во градинките има многу слободни места за сите оние родители кои досега не ги запишале своите деца.
„Нашите инспектори будно ја следат состојбата на терен и ве уверувам дека ситуацијата е целосно контролирана. Исто така, упативме апел до родителите кои ги запишале своите деца во градинка, а не ги носат, да ги ослободат местата за родителите на кои ваквото згрижување им е неопходно. Овој процес понатаму треба да го следат и контролираат градинките и општините“, подвлече таа.