Првиот пациент во земјава кому му беше трансплантирано срце од донор е буден и се чувствува добро, информираше министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.
Филипче објави фотографија од 54-годишниот Иван Огненовски и во негово име изрази благодарност до семејството на донорот Емилија Динева.
„Утрово го посетив Иван, тој е буден и се чуствува добро. Изрази огромна благодарност до семејството Диневи, докторите и целата јавност за поддршката која ја добива. По успешната операција следува најважниот период од неговото закрепнување, периодот во кој телото на Иван треба да го прифати новиот орган. Докторите максимално посветено ќе го водат низ овој процес, да им поскаме среќа на сите“,
напиша Филипче.
Министерот вели дека овој акт на човечност и хуманост треба да ја подигне свеста за органодарителството и изрази надеж дека ќе има уште многу успешни трансплантации.
Операцијата, која успешно заврши вчера во раните утрински часови, е прва во земјава. Освен трансплантација на срце, од истиот донор беа донирани и бубрези за двајца други пациенти кои со години биле на дијализа.
На вчерашната прес-конференција и медицинскиот тим и фамилијата на пациентот кој доби срце, изразија благодарност до семејството Диневи, опишувајќи ги како херои.