Поранешниот министер за локална самоуправа, сега Врховен судија и вд претседтел на судот, бара Судскиот совет итно да најде начин да ја реши алармантната ситуација во Врховниот суд, во кој недостасуваат судии, посебно сега, кога двајца судии се разрешени, еден за кого се води постапка за разрешување е на боледување, а веќе се отворени и нови постапки за разрешување на судии.
Според Арслани, водењето на постапки против судиите делува психолошки врз нив и тие немаат воља за работа.
Судијата Фаик Арслани, кој од 2010 година е во Врховен, а сега по функција и член на Судскиот совет без право на глас, ги молеше членовите на Судски да прифатат некој од неговите предлози, да изберат повеќе судии за да дојдат приближно до бројката од 25 судии, вклучувајќи ги и двете места кои мируваат зашто еден судија секогаш е член на Судскот совет, а еден во Уставен.
Ако не помине ваквото негово барање, Арслани бара алтернативно решение, во Врховен да се зголеми систематизацијата на 29 судии, и на тој начин да се изберат нови судии, а да стојат само овие две места за Судски и Уставен кои мируваат на 6 односно 9 години.
-Не можам да составам совети. Правев распоред, каде што еден судија морав да го распоредам во 4 совети. Тоа не е нормално, не може да трча судијата од оддел во оддел. Што ќе биде ако излезат различни одлуки од различни совети поради ваквиот распоред – рече Арслани.
Во распоредот не е вклучена новоизбраната судијка Цветанка Периќ која пред 2 дена даде заклетва, а како што вели вд претседтелот ќе ја вклопи од понеделник во распоредите. Тој како пример го наведува Одделот за судење во разумен рок, каде што треба да распореди 10 судии, а за кривично и граѓанско му остануваат само 7.
-Во разумен рок мора да има еден совет од тројца судии плус еден резервен. Потребен е и жалбен совет од 5 судии плус еден резервен. Само за оваа материја ми требаат 10, каде да ги најдам? – прашува Арслани.
Според неговата математика, во Врховен, со изборот на Периќ се 20 судии, ама во таа бројка се разрешените и суспендирани Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска, како и ристо Катавеновски кој користи боледување. една судијка замина во Стразбур да го придружува сопругот, па на лице место, без нераспоредената Периќ има 15 судии.
Според дискусијата во Судски, двете места кои мируваат не смеат да се пополнуваат, па затоа се отиде на варијанта да се распише оглас за тројца судии, двајца за кривично и еден за граѓанско, но тој процес на избор да заврши побргу, за да се ублажи ситуацијата, а во тоа време да се направат анализи дали има основа да се прошири систематизацијата на судии и така да се реши проблемот.
Арслани им посочуваше на колегите и ги молеше да разберат дека ситуацијата е алармантна и да помогнат, бидејќи ситуацијата е таква што Врховен 2 години е неажурен суд, а покрај предметите судиите имаат и други обврски, општи седници на кои воедначуваат пракса, учествуваат во подготовка на измени на закони.
Според вд претседателот, со новиот распоред го решил проблем што го создал Јово Вангеловски каде што еден судија речиси две години не добивал предмети и за што се води постапка во Судски.