Имотот на министерката Мила Царовска во септември 2018 година имал вредност од само 212.990 евра, додека сега тој изнесува 1.591.597 евра. Две нови ставки додала и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска. Само една ставка, и тоа без наведена вредност, дополнил министерот за земјоделство во заминување, Љупчо Николовски. Имотната состојба на министерот Никола Димитров, за разлика од горенаведените министри, е намалена, покажува истражувањето на СКУП.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го зголемила својот имот за шест пати во рок од само една година. Според анализата на СКУП во рамките на проектот Политички експонирани личности, на нејзиниот пријавен имотен лист од септември 2018 година, вреден 212.990 евра, се додадени ставки вредни 1.378.607 евра, со што нејзината моментална имотна состојба изнесува 1.591.597 евра.
Од министерството објаснуваат дека станува збор за надополнување на анкетниот лист со имот на родител, со кој Царовска не живее заедно. „Освен земјиштето во Јастребник кое што е ново стекнато, сите други ставки во анкетниот лист се надополнување. Надополнувањето е направено за поголема транспарентност, иако по закон не треба да се пријави бидејќи станува збор за имот на родител со кој министерката не живее во исто домаќинство“…
Две ставки додала и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска. На својата имотна листа таа го дополнила моторното возило „BRBCAN AM Outlander MAX XT-P1000 T 3 B ABS“ вредно 15 илјади евра, во сопственост на нејзиниот сопруг. Таа подигнала и кредит во висина од 25 илјади евра, чиј што рок за враќање е 2024 година.
Се работи за ново моторно возило, уредно пријавено како нов стекнат имот на брачен другар, во вредност од 927.000 денари, за чија исплата, како што е наведено во образецот на ДКСК за пријавување промени на имотната состојба, е подигнат потрошувачки кредит со рок на подмирување до 2024 година, велат од кабинетот на министерката Шекеринска, објавува Центарот за истражувачко новинарство СКУП.