Состојбата на обвинетиот Бојан Јовановски е животно загрозувачка, има низа препораки и документација за хоспитализација, но затворскиот лекар се противи. Никој не сака да преземе одговорност и да го хоспитализира, алармира неговиот бранител, Сашко Дукоски.
Тој посочи дека два пати во изминатиот период е констатирано дека на Боки 13 му откажал левиот бубрег.
– Кога е во хоризонтална положба составот во желудникот и желудочната киселина се враќаат во дишните патишта, тоа значи дека кога лежи може да се случи и моментална смрт – рече адвокатот Сашко Дукоски набројувајќи хронолошки како се влошувала здравствената состојба на Боки 13 после, според нив, лекарската грешка при двете интервенции за стеснување на желудникот.
– Мене ова ми личи на состојба на сврзани садови каде има координација во медицинскиот третман и вакво однесување ме упатува кон тоа никој да не сака да се занимава со Бојан Јовановски – вели неговиот бранител нагласувајќи дека во целата ситуација нема ниту трошка вина на судот и на затворот.