Функционерите на ДУИ јавно не отстапуваат од барањето за премиер Албанец, а Буајр Османи во интервју за грчи „Етнос“ дури беше и дециден дека неговата партија ќе го добие мандатот за состав на нова влада и дека тие ќе одлучат кој ќе влезе во владата.
Кандидатот за премиер на интегративците, Насер Зибери смета дека лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски немаат право да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада и дека е неопходно да се почитува начелото победник со победник.
Но, што се крие зад ваквите изјави? Дали станува збор само за билдање на партискиот рејтинг пред гласачите? Дел од медиумите на албански јазик пишуваат дека ДУИ го моли СДСМ да ја формираат новата Влада заедно и дека нивното барање за прв премиер Албанец е само политички маркетинг. За ДУИ било важно да биде дел од Владата и без премиер Албанец, доколку не се чепнат неколку од управите коишто би влијаеле на поделби во партијата.
Според аналитичарите, барањето на ДУИ за премиер Албанец е најголемата колективна измама на Албанците во последните 50 години. Според нив, постои шанса СДСМ и ДУИ да формираат влада, но не ја отфрлаат ниту можноста Ахмети да заврши во опозиција, статус кој, како што вели аналитичарот Мерсел Биљали, ќе и на партијата дојде како лек за сите метастази.
Тој смета дека и странците се многу заинтересирани партијата на Ахмети да заврши во опозиција, не само како лекција дека конзумирањето национализам не се исплатува, туку и затоа што се свесни дека со нив, реформите во судството и администрацијата се невозможни.
Биљали оценува дека партијата на Ахмети влегла во опасна пајакова мрежа што сама ја сплела против другите партии на Албанците.
Повеќе >> Слободен Печат