По вчерашната изјава на Арбен Таравари дадена за ТВ21, реагираше ДУИ. Во нивната реакција се вели дека Таравари нема ниту еден услов за Заев и Мицкоски, туку само за Албанците и бара оставка од раководството на Алијанса за Албанците.
„Албанците не заслужуваат толку недостоинствена и неконзистентна опозиција која поставува услови само за Албанците, а талка по ходниците на СДСМ и ВМРО за да не успее националниот идеал. Дајте оставка за 16-от по ред неуспех, покажете дека сте достоинствени и дека имате демократски капацитет и не ги потценувајте Албанците.“, велат од ДУИ.
Арбен Таравари, вчера, за ТВ21 рече ДУИ да даде еден пример на кој функционер на АА-ААА талкал по ходниците на македонските партии.
„Ако тие сметаат дека ние се шетаме по ходниците на македонските партии, нека ни кажат макар еден пример за тоа. Каде отишла АА да преговара паралелно со ДУИ. Ниту еден функционер на Алијанса или Алтернатива нема отидено во ходниците на некоја партија.“, изјави Таравари.
ДУИ обвинува дека коалицијата АА и Алтернатива ги загрозува преговарачките позиции на ДУИ, а Таравари вели дека ДУИ ја има целосната поддршка на коалицијата Алијанса – Алтернатива но под услов ДУИ да обезбеди премиер Албанец со 4 годишен мандат, а не со други пазари.
ТВ21: Се зборуваше и за тоа барем последната година од мандатот да му припадне на премиерот Албанец. Вие велите дека темата за премиер Албанец не е до никаде?
-Јас велам дека на таа тема воопшто не е ни разговарано. Ние го поддржуваме тој кој рече дека ќе успее да обезбеди премиер Албанец 4 години, ние не навлегуваме во нивното пазарење-вели Таравари.
Според информациите на ТВ21 од своите извори, прашањето за премиер се преговара од претседателите на партиите, Заев и Ахмети. Истиот извор вели дека се уште нема конечен договор за премиер. Велат дека „СДСМ не се откажува, а ДУИ инсистира“. Но од друга страна странките разговараат и за тоа како во јавноста да ја пласираат идејата за премиер Албанец доколку евентуално не се постигне договор.
Извор: ТВ21