Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, ќе се сретнат следната недела за да го договорат терминот за втората Меѓувладина конференција, на која треба да се усвои Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, најави вчера премиерот Зоран Заев.
Според него, во Акцискиот план ќе биде договорена соработка по разни сектори, а за политичките теми ќе се разговара подоцна.
– Очекувам следната недела министрите Османи и Захариева да ја договорат втората меѓувладина конференција поради тоа што нема ништо спорно во секторскиот план за соработка што е дефиниран според нашите идеи и нивниот одговор. Потоа записниците од усвоениот план треба да се усвојат на седници на двете влади и да влеземе во брзо и ефикасно спроведување. Тоа ќе помогне за создавање амбиент за решавање и на другите отворени прашања, што се надевам дека ќе се случи час поскоро – рече премиерот Заев.
Заев објасни дека Акцискиот план е дефиниран на секторско ниво на министерства, а работата на мешовитата комисија за историско-образовни прашања е посебна, исто како што се посебни политичките прашања за кои разговараат двете влади.
Премиерот одговори и на ставот на министерката Захариева, која викендов двапати повтори дека во Македонија избори се добиваат со антибугарска реторика.
– Во духот на конструктивноста ние секогаш комуницираме со внимателен и достоинствен дипломатски наратив и го браниме правото на самоопределување и на нашиот македонски идентитет и македонски јазик и така и ќе продолжиме. Водиме политика за градење пријателства со сите соседи, таква беше и кампањата и ние ги добиваме изборите на 15 јули 2020 година. Соседите од нас може да очекуваат само пријателство, ние немаме лоши намери кон никого, ни кон пријателска Бугарија. Очекувам со заеднички напори да градиме пактови, да создаваме сериозни инвестициски програми и економски политики, како и поголемо инфраструктурно поврзување. Како мал регион должност ни е да имаме разбирање меѓу себе и да си помагаме – рече Заев.
Повеќе >> Слободен Печат