Обвинителката Вилма Русковска по денешната објава на пресудата за „Рекет“, одговори и на новинарските прашања во врска со текот на истрагата за случајот „Империја“. Овој предмет го отвори СЈО, а меѓу осомничените е и бизнисменото Орце Камчев, сведокот од „Рекет“. Двата случаи се тесно повразни, бидејќи според обвинението на Русковска, тој на Бојан Јовановски и Катица Јанева им дал 1,5 милиони евра, за да го спасат од кривичниот прогон за „Империја“.
Русковска истакна дека се уште не знае кога ќе има обвинителска одлука за „Империја“.
-На истрагата интензивно се работеше од страна на двете колешки, но сега нели не закочи корона вирусот и уште не работиме со странки. Ако не го сметаме овој период, прашање е зошто толку време требало додека беше во СЈО, мене не ми е познато, рече Русковска.
Во СЈО, истрагата за „Империја“ ја водеше обвинителката Лиле Стефанова, а откако предметот премина во редовното обвинителство, и се приклучи и колешката Гордана Смаќовска.
Додека предметот беше во СЈО, „Фокус“ објави детали за истрагата, која беше во напредна фаза.
Минатат година, по само три месеци истрага, од СЈО открија дека имаат голем број на материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, со кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно осомничените, меѓу кои Камчев и Сашо Мијалков, переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Дотогаш сомнежот беше дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра.
Во центарот на вниманието на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.
-Дел од сведоците зборуваат без страв и сокривање, но еден дел бараат да бидат загрозени, па дури им е страв да сведочат и со таков статус, брифираат лани од СЈО.
Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителството ја црпеше од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Односно слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.
ЛАЖНИ СТЕЧАИ
Стартот за обвинителството бил спорниот плац зад Рамстор, но потоа почнале да копаат во минатото, се навраќајќи се на стечаите на неколку компании кои биле во сопственост на сега покојниот Илија Камчев.
Уште во 2002-2003 година се појавил сомнеж дека се избегнува данок кон државата во износ на 5,9 милиони евра, а кој наводно требало да се затскрие со стечај на фирмите меѓу кои биле „Орка спорт“, Орка текстил“ и „Орка холдинг“. Парите преку лажните стечаи се изнесувале надвор од државата, а потоа повторно се враќале назад, но „испрани“.
Имено, 75% од компанијата „Орка холдинг“ била дадена по залог на компанија од САД, „Global Finance Group LLC“, за која компанијата „Орка холдинг“ требало да изработи униформи, но имала и побарување за консултантски услуги. Набргу фирмата била донесена пред стечај, а на ваквата ситуација алармирал тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, кој предупредувал да не се затвораат фирмите бидејќи многу должат за данок, но и имаат имот од кои може да се наплати, но сепак никој не го послушал. Така кај дел од доверителите завршиле конци, патенти, спортска опрема, а најголем дел од колачот лапнала компанија од САД,„Global Finance Group LLC“, на која подоцна полномошник се јавува шоферот на Камчев. Оваа странска компанија се јавува и како основач на македонските компании „Мала Богородица ДООЕЛ Скопје, „МОНТ КОМ ДООЕЛ“, „О.К. ИДЕА ДООЕЛ Скопје“ и на „Орка спорт ДООЕЛ“.
За овој случај, во тоа време, истрага отвора и обвинителство, а дел од обвинителите биле упорни случајот да се истера до крај, но сепак финишот бил запирање на истрагата поради немање на доволно докази.
Целиот текст може да го прочитате тука >> Фокус