Демонстрантите во Бугарија синоќа протестираа и со јајца и домати фрлаа кон Министерството за одбрана, но и кон макетите од авиони играчки, поради намерата на владата да купи уште една група од осум авиони ловци Ф-16 од Америка, пренесува Бугарското национално радио.
Причината за огорченоста на демонстрантите беше реакцијата на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, кога при положување цвеќе пред споменикот на хероите-падобранци во Софија, еден од незадоволните граѓани јавно побара оставка од министерот, велејќи му „дека народот не го сака“.
Дали си ти народ? – одговири Каракачанов.
Демонстрантот му возврати на Каракачанов:
“Да, министре, секој од нас го претставува народот! Без разлика дали сме еден или сме седум милиони, секој од нас е народот, па сега ќе ви подготвиме омлет”, рече организаторот на антивладините протести, адвокатот Николај Хаџигенов во близина на зградата на Министерството за одбрана.
Протестите со барање за оставка на Владата и главниот обвинител траат во Бугарија повеќе од сто дена. Оттогаш, бугарскиот премиер Бојко Борисов смени четворица клучни министри: финансии, економија, правда и туризам.
Минатото лето Бугарија од САД купи осум борбени авиони Ф-16 во вредност од скоро 1,26 милијарди долари, кои ќе влезат во употреба во 2023 и 2024 година.
Каракачанов неодамна објави дека Бугарија е заинтересирана за купување на следните осум авиони, но овој пат тие ќе ги плаќаат на рати. Во САД, нагласија дека ќе можат да ги испорачаат сите 16 ловци во 2024 година, ако договорот за втората серија биде склучен во рок од една година. Другите услови за можна зделка сè уште не се познати.
Во врска со ова, бугарските медиуми во понеделникот напишаа дека земјата има многу планови за вооружување, но дека прашање е дали има пари.
Извор: Во Центар