Наместо „Левица“, земјата доби партија која е националистичка ем социјалистичка, „левото крило на организацијата“ (како што пишува Апасиев сликан на фотографија до камата и пиштолот), водена од лидер што говори со навреди и јазик на омразата не само кон СДСМ, туку и кон Албанците, муслиманите, невладините организации, активистите, кон секој што не мисли исто како него. Наместо Робеспјер неподмитливиот, Македонија доби лидер на партија кој е автократ од ковот на Сталин, кој дури и би ги стрелал сите, како што се пофали јавно.
Колку и да сакате да глумите десна или лева опција во политиката, драги мои, тоа по кое што ќе ве оценуваат и јавноста и граѓаните се вашите постапки и настапи во реалноста.
Така е и со Апасиев и неговата „Левица“. На почетокот, тоа беше опција во која влегоа слободоумни граѓани, кои сакаа нешто ново вон дихотомијата ВМРО-СДСМ, секако добро подготвени од долгогодишните разочарувања, но и од шепотот на „сите се исти“ пропагандата, која го табаше патот за етаблирање на новата политичка опција во земјата. По тој пат храбро чекореа „основачите“ кои очигледно имале јасни цели, од моментите кога главните носители на новата партија одеа по граѓански протести и најгласно викаа „ние не сме партија“, па сè до нејзиното формирање и првично структурирање и етаблирање.
Моја тогашна, а и сегашна теза е дека „Левица“ беше имплант на режимот на Груевски во отпорот против него, уште од првите протести на студентите по архитектура во 2009, протестите против полициската бруталност во 2011-12, Аман во 2012-13… па сѐ до Шарената револуција, со цел тие иницијативи да се делат и караат однатре, да послужат повеќе за поле на напаѓање на опозицијата отколку на власта и за политички диференцијации, и секако, постојано да бидат контролирани од режимот.
Повеќе >> civilmedia.mk