Денес остварив средба со Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Митрополит Скопски Господин Господин Стефан. Во пресрет на православниот христијански празник Воскресение Христово, со Поглаварот разговаравме за чествувањето на овој голем празник.
Здравјето на граѓаните е најважно за сите нас и од страна на Поглаварот, г.г. Стефан бев информиран дека за време на празникот во црквите ќе служат само свештениците со свои помошници – без присуство на верниците на овие Богослужби.
Заеднички констатиравме дека ова е време на духовна сплотеност и физичка дистанца, време кога сите треба да останеме во своите домови, а со тоа да дадеме придонес за што поскоро надминување на оваа состојба и враќање на животот во нормала, односно враќање на сите нас, верниците на молитвите и литургиите во божјите храмови.
На средбата се согласивме дека во овие тешки моменти во борбата против корона вирусот за целото општество, единствена светла точка за сите верници е воскресенската радост која ќе ја почувствуваат преку биењето на камбаните во 24 часот во сабота, која вест ќе ја дочекаат со молитвена радост во своите домови со велигденски црвени јајца споделувајќи ја таа радост со своите најблиски.
Во пресрет на најголемиот Христијански празник, во нашата заедничка молитва да си посакаме радоста на Христовото Воскресение да ги исполни сите срца на овој свет и што поскоро да не одмине оваа немила состојба од која никој не е поштеден.