Во изминатите два дена, можеа да се видат бројни коментари со поддршка за Гордана Јанкулоска, но имаше исто така бројни коментари во кои се потсетуваше, како и на кој начин постапуваше МВР, во време кога министерка беше токму Јанкулоска.
Се потсетуваше како беше приведуван Љубе Бошкоски, како беа приведувани и какви премрежја преживеаја вработените на патарините, за кои и ден денес нема конечна пресуда. Во меѓувреме, многу од тие луѓе и починаа како последица од нехуманиот однос кон нив.
Еден од оние кои се присети на владеењето на претходната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, беше и бизнисменот Сефер Цаноски, чија тогашна сопруга, Емел Рамковска одлежа 6 години во Идризово:
„Гордана Јанкулоска: „Дома сум, кој сака нека повели на кафе”. Препорачувам да ја покани Емел Рамковска пред да влезе. Таа најдобро ќе и објасни како се издржуваат цели 6 години затвор.
Емел беше не со едно туку со три малолетни деца во моментот кога ги затворија како глувци без да има можност да си ги види децата со години. Правдата може да задоцни, но секого ќе го стигне, напиша Цаноски.
Емел Рамковска е ќерка на сопственикот на поранешната А1 телевизија, Велија Рамковски, која во судскиот процес „Пајажина“ беше осудена и одлежа шест години во затвор. Пресудата беше донесена и обвинетите беа уапсени додека на чело на МВР беше токму Гордана Јанкулоска.