Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека сè уште нема конечна одлука на кој начин ќе ѝ се помогне на Франција за санирање на штетите од пожарот во катедралата Нотр Дам. Тој вели дека француското Министерство за надворешни работи треба да го информира македонското за тоа каква помош му е потребна, дали во парични средства или со други ресурси и капацитети.
„Ние донесовме одлука дека имаме намера да испратиме помош за Франција. Но, сè уште немаме повратна информација од француското МНР, кога ќе ја добиеме, ќе донесеме одлука како и на кој начин ќе помогнеме. Можеби јавноста ќе биде изненадена, но ние како држава имаме капацитети што може да се искористат во ваква ситуација“, рече Бошњаковски.
На прашањето дали доколку помошта е парична Владата е спремна да издвои и колку пари за Франција, Бошњаковски не одговори конкретно, односно рече дека не може да прејудицира и дека за тоа ќе треба да се одлучува повторно.
Извор: [makfax.com.mk]