Премиерот на соседна Бугарија, Бојко Борисов на меѓународниот економски форум во Пловдив, изјави дека наместо да нѐ обединуваат, хероите како Гоце Делчев нѐ разделуваат.
Како што пренесува БТВ, Борисов ги повикал балканските држави на повеќе разум и взаемна економска соработка, а не на продолжување на конфликтите.
„Нашиот херој Гоце Делчев стана повод за коментари во сите насоки. Тој е херој кој вложил сѐ за слободата на Македонија. На истиот начин Че Гевара, Аргентинец, се борел за Куба, а загинал во трета држава. Наместо да нѐ обединуваат, овие херои стануваат јаболко на раздорот”, изјавил Борисов.
Тој изразил надеж дека заедничката експертска бугарско-македонска комисија во најкус можен рок ќе ги донесе потребните заклучоци за да може Бугарија да ја поддржи Северна Македонија за членство во ЕУ.
Борисов очекува дека Бугарија и Северна Македонија ќе ги задржат добрососедските односи.
Бугарија и Македонија ќе најдат начин низ пријателство и почит да го решат прашањето за Гоце Делчев, смета македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.