Се надевам дека Република Северна Македонија ќе ги добие потребните гаранции од нас и дека ќе се движи на патот за пристапување во Европската унија, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Неопходните компромиси мора да се направат, како што направија многу други. Ние сме должни за сегашните и за идните генерации да осигуриме дека во никој случај Република Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан нема да бидат запрени на патот кон Европската унија – изјави Борисов.
Како што јави БГНЕС, на средбата Борисов истакнал дека е „многу загрижен поради вклучувањето на ОМО Илинден и на македонското малцинство во Бугарија во една политичка резолуција во Европскиот парламент“.
– Тоа во никој случај не е од полза – и за историчарите и за нашите политички партнери во Република Северна Македонија, во овој момент кога бараме компромис за да се најде решение – изјави Борисов.
Тој нагласи дека уште со денешните средби треба да започнат разговорите на сите нивоа, со цел до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија ќе копретседаваат со Самитот на Берлинскиот процес, да може да се постигне компромисно решение што ќе ги задоволи сите.
– Имате многу работа да направите, ова е многу сложен, многу брз и истовремено важен и неопходен процес – ја пренесува БГНЕС изјавата на Борисов.
Според него, македонските граѓани треба да знаат дека нашата земја во Бугарија има и секогаш имала најголема поддршка.
– Треба само да ја направиме историјата мост на пријателството и блискост, а не урнат мост преку кој Република Северна Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри – порача Борисов за време на средбата.
Според него, сегашните перспектива и момент се исклучително важни и „би било грев пред историјата“ доколку сегашните политички раководства во Бугарија и Република Северна Македонија не успеат да најдат компромис.
– Ни светот нема да не разбере – додаде Борисов.
Извор: Плусинфо