Целата помама околу (не)постоечкиот (не)пејпер на Јанез Јанша би се свела на пасус од озборувачка колумна, доколку паралелно со нејзината објава не се изнесеше и информацијата за изјавите на Борут Пахор околу можноста за „мирно раздвојување” на Босна од Херцеговина кон Србија. Втемеленоста на втората информација, документирана и потврдена, е факторот кој првата шпекулација ја прави релевантна и кредибилна. Разговорите на Пахор се мотивот поради кој може да се верува дека темите за прекројување на границите во регионот се сепак тема на размисли и разговори на центрите на моќ, европски и трансатлантски. Поентата е дека сета приказна за оваа афера не може да се сведе на тековната интервентна „кризна контрола” за префрлање вина врз Јанша, а притоа да се премолчи улогата на Пахор и тежината на неговите „распрашувања”. Пахор, а не Јанша, е причината која им дава за право на тврдењата дека темата за нови разграничувања е сѐ уште присутна и актуелна низ сиот полит-идеолошки спектар, спротивно на тврдењата дека е ограничена врз екстремната или класичната десница. Разликата е единствено во свиленкасто-слаткоречивиот пристап на левицата (членот на СКЈ, Пахор) и мачистичко-парадерската галама на десницата (членот на СКЈ, Јанша).
Гласен молк
Првата невина жртва на оваа Alte Slovenische Kunst Des Kommunismus спрега е секако самата Словенија, која во нејзиното престедателство со ЕУ ќе влезе и плови со огромен багаж полн со скепси и недоверби, внатрешни и надворешни. Таа шестмесечна пловидба низ европските длабочини со Триглав врз плеќи и Балка- тегови врз нозе е сепак полесно совладлива, во споредба со нарушениот имиџ на Словенија како трансатлантски консиљиере од доверба на ЕУ и САД во интерпретирање на Балканот, и воедно ценет и симпатизиран „ЕУ братучед” на кој Балканот секогаш можел да се потпре. Реакциите на политичката и медиумска Љубљана оставаат доволно простор за солидна верба дека тој имиџ и улога на Словенија може да се сочува, надминувајќи ја непријатноста како несреќна епизода во сепак успешен серијал, загрозен од индивидуални – а не концептуални – излети на два актера, Пахор и Јанша. Словенија е премногу битна за пристапот на ЕУ и САД кон Балканот, уште повеќе на Балканот кон Западот. Па затоа би било навистина штета за сите страни доколку се дозволи оваа несреќна афера да нанесе штета кон нивното претседавање со Унијата.
Дотолку повеќе што самата афера се (об)јавува во деликатниот интерегнум на префрлање на палката на либералната-демократија од рацете на Меркел, како нејзин чувар во времето на трампизмот, во рацете на Џо Бајден, како обновител и знаменосец на трансатлантицизмот. Острата и молневита реакција на САД во давање поддршка на БиХ, срочена и комуницирана неколку часа по објавата на скандалот, не остава простор за двоумење за позициите на Вашингтон околу прашањето на суверенитетите и интегритетите во регионот. Иако и во оваа прилика треба да се потсетиме на искрената, но задоцнета интервенција на Џејмс Бејкер за спас на СФРЈ, кога веќе знамињата беа завиорени, а трубите гласни.
Повеќе >> www.dw.com/mk